Докторка по општа медицина објаснува дека интернет-пребарувањето веројатно не дава целосна слика за вашата здравствена состојба. Иако разбира дека луѓето истражуваат, смета дека речиси сите ја прават истата грешка.
Многумина од нас, штом почувствуваат некаков здравствен проблем, прво посегнуваат по интернет-пребарувач наместо да посетат стручно лице. Сепак, една докторка издаде остро предупредување до сите што ги проверуваат своите симптоми на „Google“, истакнувајќи дека таквата практика може да донесе повеќе штета отколку корист, пренесува „Net.hr“.
Д-р Раџ Арора, докторка по општа медицина која работи во британскиот Национален здравствен систем (NHS), објаснува дека интернет-пребарувањето веројатно не дава целосна слика за вашата здравствена состојба. Иако разбира дека луѓето ги истражуваат симптомите за подобро да ги разберат своите тегоби, верува дека притоа речиси сите ја прават истата грешка.
„Ќе ви кажам да не ги пребарувате своите симптоми, но да бидеме искрени, сепак ќе го направите тоа. Затоа ајде да зборуваме како тоа да го направите на безбеден начин“, вели таа.

Таа објаснува дека „Google“ прави резиме базирано на вештачка интелигенција и на податоците што ги внесувате. Тој краток преглед не го зема предвид вашиот говор на телото, како се чувствувате, ниту нешто друго освен зборовите што сте ги внесле во пребарувачот.
„Врз основа на тоа можат да се појават бројни различни дијагнози, понекогаш сосема релевантни, а понекогаш и целосно неточни. Всушност, во повеќето случаи се целосно неточни“, тврди докторката.
Таа советува информациите што сте ги пронашле на интернет да ги споделите со својот лекар за да видите дали се согласува со нив, но никогаш не треба повеќе да ѝ верувате на интернет-пребарувањето отколку на лекарската дијагноза.

Одложено лекување и непотребна анксиозност
Потпирањето на интернет-самодијагностика не само што може да го одложи правилното лекување, туку може да предизвика и значителна психолошка штета. Причината е што може да почнете да се грижите за нешто „целосно неважно“ за вашата реална состојба, што води кон непотребен стрес и анксиозност.
Докторката е свесна дека понекогаш може да потрае додека добиете термин за преглед. Во меѓувреме, ги поттикнува луѓето да водат дневник на симптомите. Така, кога ќе дојде време за преглед, можат на својот лекар да му дадат што повеќе информации, што го олеснува поставувањето точна дијагноза.

Што велат „Google“ и здравствените системи
И самиот „Google“ јасно истакнува дека резултатите од пребарување на симптоми се наменети исклучиво за информирање и не смеат да се користат за поставување дијагноза или одредување терапија.
Компанијата исто така се осврна на загриженоста дека резултатите од пребарување базирани на вештачка интелигенција би можеле да дадат неточни здравствени совети.
Портпарол на „Google“ изјави за „Mirror“ дека значително се инвестира во квалитетот на резимеата на вештачката интелигенција, особено кога станува збор за здравствени теми, и дека големото мнозинство од нив обезбедуваат точни информации.










