Хемиски инженер тврди: Содата и оцетот воопшто не ја чистат добро машината за перење

Точка

14/02/2026

14:37

549

Големина на фонт

а а а

Машината за перење алишта е неизоставен уред во речиси секое домаќинство, но често се заборава дека и таа треба редовно да се чисти – особено гумата на вратата, каде најлесно се задржуваат влага, остатоци од детергент и нечистотија.

На социјалните мрежи со години се шират „домашни трикови“ со сода бикарбона, оцет или лимон, но хемискиот инженер Диего Фернандез предупредува дека тие совети во пракса често не даваат резултат, а понекогаш можат и да го влошат проблемот.

Сода, лимонов сок и оцет не се ефикасни

Фернандез, кој се занимава со ефикасноста на средства за чистење на домаќински апарати, тврди дека сода бикарбона и оцет често се сметаат за универзално решение, иако всушност не се наменети за одржување на машината за перење. Според него, станува збор за мит кој некритички се повторува – а луѓето по такво „чистење“ често остануваат со истите мириси и наслаги, само со лажно чувство дека направиле нешто корисно.


Тој особено предупредува на популарниот совет со лимон за чистење на гумата. Проблемот, како што објасни е што лимонот не е „чиста киселина“ – покрај лимонската киселина содржи и шеќери и други органски супстанции. Ако таков сок се нанесе на влажна гума на вратата, тие остатоци можат да станат идеална подлога за развој на микроорганизми, па мувлата и бактериите со текот на времето уште полесно ќе се размножуваат. Со други зборови, наместо решение добивате дополнително „гориво“ за она што се обидувате да го отстраните.

Лимонската киселина е решение

Како поефикасна алтернатива, Фернандез предлага лимонска киселина во прав, бидејќи овозможува прецизно дозирање и нема органски компоненти кои би ја хранеле мувлата. За гумата на вратата, тој препорачува едноставна мешавина: една лажица лимонска киселина растворете во 250 мл вода, нанесете на гумата, оставете неколку минути, потоа исчистете со четка и на крај сè избришете со крпа.


Лимонската киселина, како што рече може да послужи и за подлабоко чистење на внатрешноста на машината за перење. Постапката е едноставна: во барабанот ставете неколку лажици прашок и вклучете програма за чистење на барабанот или подолг циклус на перење, најдобро со топла вода. Така може да се отстранат наслагите од детергент, омекнувач и минерали од водата кои со текот на времето се акумулираат и влијаат на мирисот, но и на ефикасноста на уредот. Тој препорачува таквото чистење да се повторува на секои три до четири месеци.

Покрај тоа, Фернандез потсетува и на наједноставната навика која често прави најголема разлика: кога не ја користите оставете ја вратата на машината подотворена. Подобрата вентилација значи помалку влага — а помалку влага значи и помали шанси мувлата да се развие.