Полнењето на мобилниот за многумина е рутинска постапка за која воопшто не размислуваат – кабелот се приклучува и уредот се полни. Но експертите предупредуваат дека токму во оваа секојдневна навика постои честа грешка што на долг рок може да ѝ наштети на батеријата, перформансите, па дури и на електрониката на самиот уред.
Покрај веќе познатите совети како користење оригинален полнач и избегнување постојано полнење до 100 проценти, важно е да се обрне внимание и на редоследот на поврзување на полначот, што многумина го практикуваат погрешно.
Голем број корисници прво го приклучуваат кабелот во телефонот, а дури потоа полначот го вклучуваат во штекер. Иако тоа изгледа безопасно, според предупредувањата на експертите од компанијата „Huawei“, токму таквиот редослед може да предизвика низа проблеми.

Погрешен редослед што мнозинството автоматски го прави
Тие наведуваат дека неправилното полнење може да доведе до: губење податоци, намалување на перформансите на уредот, пократок век на батеријата, замрзнување на системот, ненадејни рестартирања и треперење на екранот, како и оштетување на електронските склопови и други дефекти. Главниот виновник за сето наведено е краткотраен напонски удар.
Кога полначот се вклучува во штекер, може да се појават кратки осцилации на напонот што траат само неколку милисекунди. Станува збор за вообичаена појава во електричните инсталации и речиси е невозможно целосно да се избегне.
Проблемот настанува ако кабелот во тој момент веќе е приклучен на телефонот. Тогаш наглиот пораст на напонот може директно да влијае врз уредот, зголемувајќи го ризикот од оштетување на чувствителните електронски компоненти.

Правилен редослед на полнење
Експертите препорачуваат едноставна, но важна промена на навиката: Прво вклучете го полначот во штекер. Потоа приклучете го кабелот во телефонот. На тој начин евентуалните осцилации на напонот остануваат ограничени на полначот, а не се пренесуваат директно на уредот.
Истиот принцип важи и кога ќе завршите со полнењето. Препорачаниот редослед е: Прво извадете го кабелот од телефонот, па дури потоа исклучете го полначот од штекер.
Ако се постапи обратно, може да дојде до краткотраен удар од обратна струја, што дополнително го зголемува оптоварувањето на батеријата и електрониката.

Колкав е всушност ризикот?
Една поединечна грешка веројатно нема веднаш да го уништи телефонот. Но ако уредот секојдневно се полни со неправилен редослед, ризикот со текот на времето се зголемува и може да резултира со побрзо трошење на батеријата и скратен вкупен век на мобилниот.
Експертите напомнуваат дека вишокот напон понекогаш може да се препознае и по тивко зуење што се слуша веднаш по вклучувањето на полначот во штекер.
Иако изгледа како ситница, правилното приклучување и исклучување на полначот може долгорочно да значи разлика меѓу батерија што трае со години и онаа што брзо се троши. Станува збор за навика што лесно се менува – а вашиот мобилен ќе ви биде благодарен за тоа.















