Според студија објавена во списанието „Зборник на трудови на Националната академија на науките“, археолозите извлекле и анализирале ДНК и протеини од фосилни примероци за кои претходно се сметало дека се од тигри и ги идентификувале како припадници на изумрениот пештерски лав, пренесе „Кјодо“.
Студијата е спроведена за да се испита можноста за присуство на лавови во Јапонија, која се наоѓа на крајниот источен раб на транзициската зона лав-тигар, која се протега од Блискиот Исток до рускиот Далечен Исток.
Пештерските лавови живееле во северна Евроазија, додека тигрите постоеле подалеку на југ.
Тимот собрал конзервирана органска материја од 26 примероци од субфосили пронајдени низ цела Јапонија.
По споредувањето на ДНК и протеинските фрагменти добиени од петте примероци со меѓународни податоци, тимот ги идентификувал сите како пештерски лавови.
„Нашите наоди го оспоруваат долгогодишниот став дека тигрите некогаш наоѓале засолниште во Јапонија, покажувајќи наместо тоа дека пештерските лавови биле широко распространети во Североисточна Азија во овој период“, рекоа истражувачи од повеќе институции, вклучувајќи го Универзитетот за напредни студии во Јапонија и Пекиншкиот универзитет.
One of the most-viewed PNAS articles in the last week is “The Japanese Archipelago sheltered cave lions, not tigers, during the Late Pleistocene.” Explore the article here: https://t.co/28SeEX6sm2
— PNASNews (@PNASNews) February 6, 2026
For more trending articles, visit https://t.co/g8YcNDBHgI. pic.twitter.com/gOc5FwSvwq
Лавовите ја напуштиле Африка пред околу еден милион години и се прошириле низ евроазискиот континент.
Тие влегле во јапонскиот архипелаг пред околу 38.000 до 73.000 години, кога нивото на морето паднало за време на ледените периоди и северниот регион на Јапонија бил поврзан со континентот.
Лавовите веројатно се прошириле во западна Јапонија, што е потврдено од примерок собран во префектурата Јамагучи.
Луѓето пристигнале во архипелагот пред околу 40.000 до 35.000 години, но се верува дека пештерските лавови изумреле пред околу 10.000 години.
„Наодите се значајни во однос на проучувањето на интеракцијата помеѓу лавовите и тигрите и нивното влијание врз екосистемите“, рече Такуми Кутаја, вонреден професор на Универзитетот за напредни студии.
Во Јапонија, фосили од роднините на големите мачки се пронајдени насекаде од североисточната префектура Аомори до југозападната префектура Оита.
Долго време се верувало дека станува збор за фосили од тигри, бидејќи се сметало дека топлата и влажна клима на земјата е идеална за тигрите.











