Познатиот Лак на вљубените се урна на Денот на вљубените за време на силно невреме кое ја погоди јужна Италија.
Познатиот Лак на вљубените во регионот Апулија се урна на Денот на вљубените за време на силна бура што ја зафати јужна Италија. Лакот на вљубените е природен варовнички мост во градот Мелендуњо на полуостровот Саленто на Јадранскиот брег и беше омилена туристичка атракција, особено за вљубените.
Локална легенда за Лакот на вљубените
Според локалната легенда, љубовта на паровите што ќе се бакнеле под лакот траела засекогаш.
Сепак, поради силни ветрови, обилни дождови и моќни бранови, наместо „Instagram“ сценографија за вљубени, сега останале само два назабени столба, што шетачите го забележале во неделата наутро.
„Една од најпознатите туристички атракции на нашиот брег и во цела Италија исчезнува. Длабоко жалам за тоа што се случи, ова е несакан подарок за Денот на вљубените. Лакот на вљубените повеќе го нема“, изјави градоначалникот на Мелендуњо, Маурицио Чистернино, за „Quotidiano di Puglia“.
Тој додаде дека уривањето на лакот претставува „разорувачки удар врз имиџот на Саленто и туризмот“, повикувајќи на сеопфатни мерки за заштита на крајбрежјето од ерозија.

Како дошло до уривањето?
Сепак, како што известува „Wanted in Rome“, уривањето на лакот не било целосно изненадување за геолозите, но силно ја погодило локалната туристичка заедница.
Мекиот минерал калкаренит, од кој бил изграден лакот, е многу чувствителен на ефектите од солената магла (создадена кога капките солена вода се распрснуваат во воздухот) и на механичката сила на ударите од брановите.
Експертите сметаат дека повеќе фактори довеле до уривањето на Лакот на вљубените, меѓу кои структурен замор, екстремни временски услови и постојан циклус на навлажнување и сушење што доведува до кристализација на солта во порите на карпата, ширејќи го каменот одвнатре кон надвор.
„Ова е трагедија за која знаевме дека е неизбежна, само не очекувавме дека ќе се случи толку брзо“, изјави за „Corriere Salentino“ Франческо Чистернино, советник во Мелендуњо задолжен за туризам.

Силно невремево Италија: бранови високи 9 метри
Италија во последните недели и месеци беше погодена од екстремни временски услови.
Медитеранскиот циклон Хари, кој го зафати Средоземното Море во јануари, донесе бранови високи до девет метри во јужна Италија и ветрови со брзина од 119 километри на час, поплавувајќи патишта и тротоари долж Калабрија, Сицилија и Сардинија.
Violent storm surge hit Roccalumera, in Messina, Sicily, Italy 🇮🇹 (20.01.2026) pic.twitter.com/7W9jRML4vy
— Disaster News (@Top_Disaster) January 20, 2026
„Средоземното Море во 2025 година доживеа една од најтоплите години во историјата, а потоплите мориња дополнително ја загреваат атмосферата и поттикнуваат екстремни временски настани“, изјави за „Gardijan“ Кристијан Малдер, професор по екологија и климатологија на Универзитетот во Катанија на Сицилија.
















