Додека британските премиери се менуваат побрзо од годишните времиња, еден станар останува непоколеблив.
Мачорот Лари денес одбележува 15 години престој во резиденцијата на Даунинг стрит број 10 во Лондон, потврдувајќи го статусот на најдолговечниот „функционер“ во британската политика.

Лари пристигнал во резиденцијата на 15 февруари 2011 година, кога бил донесен од азил со официјална титула – шеф за борба против глувци. Оттогаш, тигрестиот мачор стана неизбежен дел од животот на Обединетото Кралство.
Шеф против глувци и домаќин на светските лидери
На официјалната веб-страница на британската влада Лари има и посебен оддел, каде што е претставен како „Chief Mouser to the Cabinet Office“, односно шеф против глувци. Во описот на неговите „должности“ се наведува дека пречекува гости, ги контролира безбедносните мерки и ја тестира удобноста на мебелот – најчесто преку попладневни дремки.
Иако точната возраст на овој мачешки ветеран не е позната, проценките одат и до 19 години, што во човечки години би значело дури 92.
After 15 years I figured it was time to tell all... https://t.co/DjY11TvHno
— Larry the Cat (@Number10cat) February 13, 2026
Сведок на политички пресврти
Од доаѓањето на Даунинг стрит, Лари испратил низа премиери и бурни политички настани.


Во резиденцијата пристигнал за време на мандатот на Дејвид Камерон, а потоа бил сведок на референдумот за излегување на Обединетото Кралство од Европската Унија во 2016 година.
Турбулентните години на Брегзит ги помина со Тереза Меј, додека за време на Борис Џонсон „присуствувал“ на прославите во екот на пандемијата на коронавирусот.
My old pal @mortenmorland has captured my 15th anniversary in Downing Street perfectly pic.twitter.com/TsYCQJ3bhx
— Larry the Cat (@Number10cat) February 15, 2026
Во 2022 година поминал само 49 дена со Лиз Трас, а потоа и краток период со Риши Сунак. Од 2024 година, Лари го пречекува и лабуристичкиот премиер Кир Стармер.
















