„Тава мафија“: Нов вид организиран криминал – крадат искористено масло за јадење

Точка

12/02/2026

14:06

808

Големина на фонт

а а а

Шкотската полиција вели дека организираните криминални групи таргетираат рибарници, места кои продаваат брза храна и ресторани поради нивното искористено масло за јадење, пишува Би-би-си.

Оваа течност од рестораните често се остава во контејнери пред зградите за да се однесе на рециклирање и евентуално да се користи за производство на биодизел, обновливо гориво за превозни средства како што се автобуси и трактори.

Ширум Шкотска, полицијата помеѓу април и октомври минатата година биле пријавени 178 случаи на кражба на масло за готвење пренесе Би-би-си.

Грант Кранстон рекол дека е изненаден од тоа колку дрски биле крадците кои ја нападнале неговата рибарница во Инвернес. „Беше ден. Луѓе поминуваа“, додал тој.


Според британската влада, околу 70 отсто од биодизелот произведен во Велика Британија е направен од искористено масло за готвење.

Цената што ја добиваат угостителите за нивното масло зависи од количината достапна за собирање и неговиот квалитет, но според индустријата, еден ресторан може да добие околу 30 пени за литар.

Во просек, кражбата на искористеното масло за готвење ја чини британската државна каса околу 25 милиони фунти годишно во изгубени акцизи.

Случаи на кражби претходно биле пријавени во други делови на Велика Британија, вклучувајќи ги Дербишир и Глостершир.

„Организиран криминал“

Шкотската полиција вели дека инцидентите регистрирани минатата година резултирале со загуба од околу 20.000 фунти приходи за угостителските објекти.

Главниот инспектор Крег Стил, командант на областа Инвернес – каде што биле пријавени околу 20 кражби помеѓу април и октомври рекол дека кражбите би можеле да предизвикаат повеќе проблеми за угостителите.

„Меѓу нив е непријатноста и потенцијалната штета предизвикана од лица кои влегуваат во објекти или во надворешните складиштата за да земат масло, а потоа има и загуба на приходи“, објаснил тој.

„Обично откриваме дека во тоа постои елемент на организиран криминал. Маслото често се препродава на легитимни рециклатори, кои потоа произведуваат работи како биодизел, кој стана позастапен како што напредува технологијата во областа на производството на гориво“, нагласил тој.


Кранстон рекол дека кражбите се дополнителен проблем за веќе проблематичната индустрија за риба и помфрит.

Искористеното масло за јадење било украдено од контејнер пред рибарницата „Хилтон“ во Инвернес претходно овој месец.

Ко-сопственикот Грант Кранстон изјавил за Би-би-си дека бил предупреден за ризикот од кражба во градот од новинарска статија.

„Ги погледнав снимките од надзорните камери и забележав дека корпата за отпадно масло се поместила малку и си помислив: „Тоа е малку чудно. Го премотав видеото околу 30 минути наназад и видов некој како краде отпадно масло“, раскажал тој.

Кранстон рекол дека според неговите сознанија, неговата рибарница еднаш била цел.

Тој додал дека кражбите се уште еден проблем со кој оваа индустрија мора да се справува.

Кранстон истакнал дека индустријата се обидува одговорно да го складира искористеното масло.

„Го оставете надвор да се однесе и рециклира, практично го правите својот дел за заштита на животната средина“, рекол тој.


Штета од илјадници фунти…

Ендру Крук, претседател на Националната федерација на пржачи на риби, рекол дека некои британски „ресторани за помфрит“ биле цел на кражба во повеќе наврати.

„Мислам дека тоа е голем проблем на национално ниво, вредноста е 30-40 фунти за буре. Ако одите наоколу ноќе и редовно таргетирате 10 продавници, тоа е прилично добар приход за некого“, истакнал Крук и додал: „Еден сопственик рече дека изгубил илјадници фунти затоа што многу дистрибутери го земаат маслото, го рециклираат, а потоа ги добивате парите на вашата сметка. Тој ги изгуби сите пари бидејќи бурето постојано исчезнуваше во текот на ноќта. Тоа траеше девет месеци, па затоа тоа беше значителен удар за тој бизнис“.


Шкотската полиција им советува на бизнисите да се осигурат дека маслото се складира во безбедна и добро осветлена област, со видеонадзор каде што е можно.

Главниот инспектор Крег Стил додал: „Нашиот тим за превенција и интервенција е секогаш подготвен да ги посети објектите и да даде совети за безбедноста и заштитата“.