Големите компании вложуваат во генеративна вештачка интелигенција за изработка на игри, но алатките како „Google Project Genie" сè уште се далеку од човечката креативност. Порталот „The Verge“ анализираше кои се моменталните достигнувања на вештачката интелигенција.
Долго пред експлозијата на генеративната вештачка интелигенција, развивачите создаваа игри кои можеа сами да генерираат свои светови. Доволно е да се потсетиме на наслови како „Minecraft“ или дури оригиналниот „Rogue“ од 1980 година, кој го создаде целиот жанр „roguelike“ игри. Овие и многу други наслови создаваат светови во движење, следејќи одредени правила и параметри. Човечките развивачи вложуваат огромен труд за да обезбедат световите што нивните игри ги создаваат да бидат интересни за истражување и исполнети со содржина. Во најдобар случај, таквите игри може да се играат со години бидејќи средините и искуствата делуваат ново при секое играње.
Но, како што и другите креативни индустрии се соочуваат со иднина исполнета со генеричка "AI" содржина, генеративната вештачка интелигенција доаѓа и во светот на видеоигрите. Сепак, прашање е дали некогаш ќе го достигне квалитетот на она што луѓето денес можат да го создадат.

Големите играчи прифаќаат "AI", развивачите загрижени
Генеративната "AI" во видеоигрите стана исклучително контроверзна тема. Играчите се револтирани поради потенцијално неквалитетна содржина, а речиси половина од развивачите сметаат дека генеративната "AI" е штетна за индустријата. И покрај тоа, големите gaming компании сепак влегуваат во водите на вештачката интелигенција. „Krafton“, креаторот на „PUBG“, се трансформира во „AI First“ компанија, „EA“ склучува партнерство со „Stability AI“ за развој на „трансформативни“ алатки за изработка на игри, а „Ubisoft“, како дел од голема реорганизација, ветува „забрзани инвестиции во генеративна "AI" насочена кон играчите“. Директорот на „Nexon“, сопственик на компанијата зад минатогодишниот хит „Arc Raiders“, даде можеби и најпесимистичка изјава: „Мислам дека е важно да се претпостави дека секоја гејминг компанија сега користи "AI"“.
Поголемите компании често ги претставуваат овие инвестиции како начин за оптимизација и помош во развојот на игри, кој станува сè поскап. Сепак, воведувањето генеративни "AI" алатки претставува потенцијална закана за работните места во индустрија која веќе е позната по бранови отпуштања.

„Google“ Project Genie: прв чекор или слепа улица?
„Google“ го лансираше Project Genie, „ран истражувачки прототип“ кој им овозможува на корисниците да генерираат интерактивни светови преку текстуални или визуелни упити. Тие светови може да се истражуваат шеесет секунди. Во моментов алатката е достапна само во САД за корисници на „Google“ AI Ultra планот, кој чини 249,99 долари месечно.
"Project Genie" го придвижува „Google Genie 3 AI" моделот, кој компанијата го претставува како „клучен чекор кон општата вештачка интелигенција (AGI)“ што може да овозможи „"AI" агенти способни за расудување, решавање проблеми и дејствување во реалниот свет“. Иако „Google“ тврди дека потенцијалот на моделот оди подалеку од гејминг индустријата, тој привлече големо внимание во секторот. Тоа беше прв вистински показател како генеративните "AI" алатки би можеле да се користат за развој на видеоигри, слично како што алатките како „DALL-E“ и „OpenAI“ Sora покажаа што е можно со "AI" генерирани слики и видеа.
Во тестирањето што го спроведе „The Verge“, "Project Genie" едвај успеал да создаде навистина интересни искуства. „Световите“ не им дозволуваат на корисниците многу повеќе од движење со стрелките на тастатурата. По истекот на шеесет секунди, со генерираната содржина не може да се направи ништо освен да се преземе снимка од активностите, што значи дека не може да се пренесе во традиционален "game engine". Иако алатката успеала да создаде слаби, неовластени копии на игри на „Nintendo“, што отвори познати прашања за авторските права, квалитетот не бил ни блиску до рачно создадените светови на игрите на „Nintendo“. Световите биле тивки, физиката неубедлива, а околината изгледала рудиментирано.
Еден ден по објавувањето на "Project Genie", акциите на некои од најголемите gaming компании, вклучувајќи „Take-Two“, „Roblox“ и „Unity“, паднале. Тоа доведе до брза реакција. Карл Слатоф, претседател на „Take-Two“, остро го критикуваше "Genie", тврдејќи дека сè уште не претставува закана за традиционалните игри. „Genie не е "game engine“, рече тој, додавајќи дека технологија како оваа „сигурно не го заменува креативниот процес“.

Иднината според Маск и Закерберг
„Google“ речиси сигурно ќе продолжи да ги подобрува своите "Genie модели", но не е јасно дали фокусот ќе биде на игрите или на амбициозната цел за постигнување "AGI". Сепак, други лидери во "AI" индустријата веќе ја туркаат идејата за интерактивни "AI" искуства. Илон Маск од „xAI“ неодамна изјави дека „висококвалитетни“ видеоигри во реално време, „прилагодени на поединец“, би можеле да бидат достапни „следната година“. Марк Закерберг од „Meta“, кој сега ја промовира "AI" како нова социјална мрежа, замислува иднина во која луѓето создаваат игра со едноставен промпт и ја споделуваат со пријателите.
Дури и во најамбициозното сценарио, каде "AI" технологијата може да создаде светови подеднакво интерактивни и интересни како игрите на конзола или компјутер, создавањето добра видеоигра бара многу повеќе од сам свет. Најдобрите игри имаат привлечен "gameplay", интересни задачи, оригинална уметност, звук, приказна и ликови. На човечките развивачи понекогаш им се потребни години за сите тие елементи да функционираат совршено заедно.
"AI" технологијата сè уште не е подготвена да генерира целосни игри, и секој што мисли поинаку се залажува. Но, со оглед на тоа што технолошките компании се подготвени да вложуваат огромни напори во технологии што уште не се целосно зрели, веројатно ќе продолжат да ја туркаат идејата за игри создадени со генеративна "AI". Во веќе нестабилна индустрија, дури и самата идеја дека "AI" алатките би можеле да им парираат на луѓето може да има огромни последици. Сложеноста на игрите сепак е поинаква од "AI" видеото, кое значително се подобри за кратко време, но има помалку варијабли. Алатките за изработка на "AI" игри сигурно ќе се подобруваат, но останува прашањето дали резултатите некогаш ќе го надминат јазот во однос на она што можат да го создадат луѓето.













