Не се само луѓето тие што во Кина се подготвуваат за прославата на Лунарната Нова година – истото го прават и роботите.
Петокот во еден трговски центар во западен Пекинг бил резервиран за генерална проба на четири симпатични хуманоидни роботи, високи околу 95 сантиметри. Заинтересираните минувачи застанувале и набљудувале.
Секој робот добил шарен лавовски костим и по неколку минути почнале движењата: свиткај ги колена, нагоре, лево, десно, протреси ја маската – и сè од почеток.

Во пресрет на Лунарната Нова година, која се слави следната недела, а во рамки на различни „саеми“ и активности ширум Пекинг, бројни места забрзано ги поставуваат своите бини и реквизити.
Втора година по ред, еден од саемите ќе биде посветен на технологијата и – да, повторно – роботите ќе бидат главна атракција.

Посетителите ќе можат да ги видат како танцуваат, редат коцки една врз друга правејќи мала кула, нанижуваат плодови од глог на стапче прелиени со сируп – популарен десерт – или играат фудбал.
„Оваа година бројот на нашите роботи значително се зголеми“, рекол Ќиу Фенг, член на организацискиот одбор.

„Ќе изведуваат танц, боречки вештини, пекиншка опера, ќе рецитираат поезија и ќе играат фудбал. Некои содржини беа достапни и минатата година, но прецизноста на движењата и тој високотехнолошки впечаток сега се поизразени“, додал Ќиу.

Кина во последните години интензивно ги засилува напорите за развој на понапредни роботи што можат да извршуваат различни активности, водени од вештачка интелигенција и со што помалку човечка интервенција.
Сепак, иако денес можат да прават работи што пред неколку години беше тешко и да се замислат, луѓето и понатаму им се потребни – на пример, за да ги облечат или да ги поместат кога ќе застанат насред мини-фудбалски терен.
„Технологијата се развива брзо и секој ден станува сè понапредна. Сè додека сме во чекор со тој тренд, нашиот саем ќе продолжи да се развива и да расте во согласност со времето“, нагласил Ќиу.
Роботите што настапуваат во трговскиот центар ги развиле кинески стартап-компании како „Booster Robotics“. Таа компанија ќе претстави околу 20 хуманоидни роботи, кои исто така ќе танцуваат и ќе играат фудбал.













