Експерт за вештачка интелигенција предупредува на големи промени што оваа технологија ќе ги донесе во канцелариските професии во наредната година и пол. Како што вештачката интелигенција напредува, сè повеќе компании ја интегрираат во своето работење, што доведува и до отпуштања, бидејќи со новите технологии се настојува да се остварат заштеди.
За вештачката интелигенција се огласија бројни експерти, а своевремено предупредувања изнесоа и Стивен Хокинг и Бил Гејтс, додека претприемачи како Илон Маск веќе ја користат во своите проекти. Во јавноста расте стравот дека многу работни места и цели индустрии би можеле да бидат погодени, а досега, според експертите, сме го виделе само врвот на ледениот брег.
Предупредување од директор од „Microsoft“
Еден од оние што сметаат дека следуваат уште подрастични промени е Мустафа Сулејман, извршен директор на одделот за вештачка интелигенција во „Microsoft“. Тој тврди дека вештачката интелигенција во канцелариските професии ќе достигне „ниво на човечки способности“. Станува збор за области како банкарство, финансии, управување со ризик, интерна ревизија, осигурување и сметководство.
Сулејман смета дека сè поголем број задачи во овие сектори ќе бидат автоматизирани како дел од пошироката примена на технологијата на работното место. Во разговор за „Financial Times“ прогнозира дека мнозинството, ако не и сите канцелариски задачи, наскоро ќе ги извршува вештачката интелигенција.

„Задачите ќе бидат целосно автоматизирани“
„Мислам дека ќе достигнеме ниво на човечки способности во повеќето, ако не и во сите стручни задачи“, изјави тој. „Значи, во канцелариските работи, каде работите на компјутер – било како адвокат, сметководител, проект-менаџер или маркетинг експерт – поголемиот дел од тие задачи ќе бидат целосно автоматизирани со вештачка интелигенција во следните 12 до 18 месеци.“
Брзиот напредок веќе е видлив во софтверското инженерство, каде вработените сè почесто користат „кодирање потпомогнато со вештачка интелигенција“ за поголем дел од програмерските задачи.
„Тоа е сосема поинаков однос кон технологијата, а се случи во последните шест месеци“, додаде Сулејман.

Кои работни места се најзагрозени?
Неговата изјава доаѓа во момент кога и други експерти предупредуваат дека вештачката интелигенција, и покрај предностите, може да избрише цели сегменти од работната сила. Една неодамнешна студија издвојува 44 професии најизложени на замена со вештачка интелигенција. Претходно и Бил Гејтс предупреди на области кои најпрво би можеле да бидат погодени.
На списокот на загрозени се најдоа програмери, приватни истражители, раководители на продажба, експерти за усогласеност на работењето, машински инженери, па дури и адвокати.

Кој би можел да опстане?
Од друга страна, Гејтс посочи професии за кои смета дека, барем засега, ќе одолеат на налетот на вештачката интелигенција. Меѓу нив се програмери, експерти за енергетика и биолози.
Наспроти тоа, работните места во администрација и обработка на податоци, корисничка поддршка, како и оние на производствените линии, би можеле меѓу првите да ги почувствуваат последиците од оваа технологија што веќе го менува светот.












