[ВИДЕО] Откако "AI" видео во кое Том Круз и Бред Пит се тепаат и зборуваат за Епстин стана вирално, сите се прашуваат само едно: Дали ова е крајот на Холивуд?

Точка

13/02/2026

21:19

938

Големина на фонт

а а а

Кинеската компанија „ByteDance“ го објави својот најнов модел на вештачка интелигенција „Seedance 2.0“ пред само три дена. Некој ја тестирал новата верзија така што ѝ задал задача да генерира сцена на борба меѓу Бред Пит и Том Круз, при што нивниот дијалог за време на тепачката се врти околу досиејата на Епстин.

Со ова издание стана речиси невозможно да се разликува реалноста од фикцијата. До таа мера што Лу Хуанг, консултант за вештачка интелигенција и режисер на дигитални филмови, изјави:

„Студирав дигитално снимање филмови седум години и би рекол дека 90% од вештините што ги научив сега станаа бескорисни по објавувањето на „Seedance 2.0“.

Здружението за филмската индустрија во четвртокот го осуди најновиот "AI" генератор на видео „Seedance 2.0“, наведувајќи дека предизвикал бран прекршувања на авторските права во денот откако станал достапен.

„ByteDance“, кинескиот сопственик на „TikTok“, соопшти дека моделот претставува „значителен исчекор во квалитетот на генерирањето“ во однос на претходната верзија. Видеоснимките што сервисот ги генерира – особено едно во кое Том Круз и Бред Пит се борат на покрив – станаа вирални на социјалните мрежи.

„За само еден ден, кинескиот "AI" сервис „Seedance 2.0“ масовно неовластено користеше дела заштитени со американски авторски права“, изјави портпарол на МПА во соопштение.

Прекршување на авторски права

„Со лансирање сервис што функционира без значајни заштитни мерки против прекршување права, „ByteDance“ ги игнорира добро воспоставените закони за авторски права кои ги штитат правата на креаторите и поддржуваат милиони американски работни места. „ByteDance“ веднаш треба да прекине со ваквите активности.

Здружението даде сличен коментар и откако „OpenAI“ минатата есен го објави „Sora 2“, кој исто така доведе до масовни прекршувања на авторски права со помош на "AI" технологија.

„OpenAI“ мора веднаш и одлучно да реагира на овој проблем – тогаш соопшти МПА.

„OpenAI“ одговори на тие критики воведувајќи заштитни мерки кои на корисниците значително им го отежнаа прекршувањето на авторските права на студијата. „Disney“ подоцна склучи договор со „OpenAI“ за лиценцирање на 200 ликови за употреба во „Sora 2“, што многумина го видоа како можен модел за други студија, потсетува „Variety“.

Сепак, сè уште не е познато дали „ByteDance“ би бил отворен за таков пристап или сопствениците на авторските права ќе бидат принудени да започнат со барања за отстранување содржини и тужби поради прекршување права. Компанијата не одговори веднаш на барањето за коментар.


„Веројатно ова е нашиот крај“

Некои на видеата од „Seedance“ реагираа со песимизам и резигнација.

„Мразам што морам да го кажам ова. Веројатно ова е нашиот крај“, напиша Рет Рис, сценарист на филмовите „Deadpool“, во коментар за видеото со Круз и Пит. „Многу брзо, една личност ќе може да седи пред компјутер и да направи филм што не може да се разликува од она што денес излегува од Холивуд.“

Видеото го генерирал Руари Робинсон, ирски филмски и рекламен режисер.

„Ова беше промпт од два реда во ’Seedance 2‘“, напиша тој на мрежата „X“. „Ако се во право оние што велат дека Холивуд е готов, можеби се готови и тие што го велат тоа, не знам.“

Како одговор на негативните реакции за видеото, напиша: „Прашањето денес е: Дали треба да бидам убиен затоа што напишав два реда и притиснав копче.“

Други „Seedance“ видеа што кружат на интернет вклучуваат пародии на „Spider-Man“, „Titanic“, „Stranger Things“, „The Lord of the Rings“, „Shrek“ …