Македонскиот музичар Андреј Ѓорѓиески, на публиката најпознат како Андреј од дуото ДНК, е роден на 9-ти февруари. Да беше жив, денес тој ќе наполнеше 44 години.
Денот на неговото раѓање го одбележа и неговата сопруга Наталија Ѓорѓиеска, која ретко се огласува во јавноста по трагичната смрт на Андреј во март минатата година. Таа денеска сподели емотивна фотографија направена на плажа при зајдисонце, на која Андреј е прикажан оддалеку, со широко небо зад себе. Фотографијата беше придружена со песната „Север и југ“ од ДНК, а Наталија кратко напиша: „Твојот роденден“.

Коментар под нејзината објава остави и Маја, сопругата на Панчо.
„Душа златна, пред да се породам со Андреја го славевме неговиот роденден. Ах, бре животе!“, напиша таа.

Да потсетиме, Андреј го загуби животот на 16-ти март 2025 година, во пожар што избувна за време на настап во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани.
Андреј и Наталија беа во брак речиси една деценија. Нивната љубовна приказна започнала сосема случајно, во бутик каде што таа работела, по што продолжиле да се допишуваат на социјалните мрежи, а Андреј ја поканил на состанок. Од нивната љубов се роди Јана, која има 10 години.
Во својата музичка кариера, Андреј остави длабока трага како дел од ДНК, дуо кое го формираше заедно со Владимир Блажев – Панчо во 2001 година. Првиот албум „Пази дете“ го објавија во 2005 година. Тој завршил основно и средно музичко образование, студирал на Музичката академија во Скопје, каде што се запознал со Панчо, а покрај сценската кариера, работел и како музички уредник на телевизијата К-15 и како продуцент на шоуто „Мојата ѕвезда“.












