Луѓето во Северна Кореја, вклучително и деца на училишна возраст, јавно се егзекутираат, се испраќаат во работни логори или се подложуваат на брутално јавно понижување поради гледање јужнокорејски серии како „Squid Game“, според нови сведоштва што ги собрал Амнести интернешнал.
Севернокорејци кои побегнале од земјата изјавиле за Амнести дека гледањето глобално популарни јужнокорејски драми – меѓу кои „Crash Landing on You“, „Descendants of the Sun“ и „Squid Game“ – или слушањето јужнокорејска поп-музика може да доведе до најекстремни казни, вклучително и смрт. Тие што немаат пари или врски се соочуваат со најтешките последици.
Испитаниците опишале клима на страв, во која јужнокорејската култура се третира како сериозно кривично дело, додека побогатите семејства понекогаш можат да ја избегнат казната со плаќање мито на корумпираните службеници.

Сара Брукс, заменик регионален директор на Амнести Интернешнал, изјавила:
„Овие сведоштва покажуваат како Северна Кореја спроведува дистописки закони поради кои гледањето јужнокорејска ТВ-серија може да ве чини живот – освен ако можете да си го дозволите тоа“.
„Властите го криминализираат пристапот до информации, спротивно на меѓународното право, а потоа им дозволуваат на службениците да профитираат од оние што се плашат од казна. Ова е репресија проткаена со корупција, а најмногу ги уништува оние без богатство или врски. Стравот на оваа влада од информации практично го стави целото население во идеолошки кафез, задушувајќи им го пристапот до ставовите и мислите на други човечки суштества. Луѓето што се трудат да дознаат повеќе за светот надвор од Северна Кореја или бараат едноставна забава од странство се соочуваат со најстрогите казни“, објаснила таа.
Потоа додала: „Овој целосно произволен систем, изграден врз страв и корупција, ги крши темелните принципи на правдата и меѓународно признатите човекови права. Мора да биде укинат“.
Испитаниците рекле дека понови јужнокорејски содржини стигнуваат до Северна Кореја побрзо отколку во претходните децении. Ги спомнале популарните јужнокорејски драми од 2010-тите, меѓу кои „Crash Landing on You“ (позната по тоа што дејството се одвива во Северна Кореја) и „Descendants of the Sun“, која содржи воени теми.
Содржината од Јужна Кореја законот ја дефинира како „гнила идеологија“
Еден испитаник изјавил дека од бегалец со семејни врски во провинцијата Јангганг слушнал дека луѓе, вклучително и средношколци, биле погубени поради гледање на серијата „Squid Game“.
„Radio Free Asia“ одделно документирала погубување во провинцијата Северен Хамгјонг во 2021 година, поради дистрибуција на серијата.
Земени заедно, овие извештаи од различни провинции укажуваат на повеќекратни погубувања поврзани со сериите.
Испитаниците исто така рекле дека властите го таргетираат и слушањето јужнокорејска поп-музика. Спомнале K-pop песни, вклучително и оние од БТС. Во 2021 година, „The Korea Times“ објави дека севернокорејски тинејџери биле фатени и казнети поради слушање песни од групата БТС.
Амнести Интернешнал во 2025 година спровела 25 детални индивидуални интервјуа со севернокорејски бегалци. Групата опфатила 11 лица што побегнале од Северна Кореја меѓу 2019 и 2020 година, а последното заминување се случило во јуни 2020 година. Поголемиот дел од нив, во моментот на бегството, имале меѓу 15 и 25 години. Затворањето на границите поради пандемијата ги направило бегствата исклучително ретки од 2020 година.

Северна Кореја долго време одржува една од најрестриктивните информативни средини во светот. Сведоштвата што ги собрал Амнести опишуваат како пристапот до странска култура или информации активно се казнувал, вклучително и со погубување, барем до 2020 година.
Со воведувањето на Законот за антиреакционерна мисла и култура од 2020 година, кој јужнокорејските содржини ги дефинира како „гнила идеологија што го парализира револуционерното чувство на народот“, се предвидуваат меѓу пет и 15 години присилен труд за гледање или поседување јужнокорејски драми, филмови или музика. Законот пропишува строги казни, вклучително и смртна казна, за дистрибуција на „големи количини“ содржини или организирање групни гледања.
И покрај ризиците, испитаниците опишале дека консумирањето јужнокорејски и други странски медиуми е широко распространето. Драми, филмови и музика се шверцуваат во Северна Кореја на УСБ-стикови од Кина и се гледаат на „нотетел“ – лаптопи со вграден телевизор.
Луѓето ги продаваат своите куќи за да излезат од камповите
Оние што побегнале од земјата меѓу 2012 и 2020 година изјавиле за Амнести дека луѓето обично гледаат јужнокорејска телевизија, свесни за ризиците, но дека казната во голема мера зависи од парите.
„Луѓето се фаќаат за исто дело, но казната целосно зависи од парите“, рекол Чои Сувин (39), кој ја напуштил Северна Кореја во 2019 година. „Луѓето без пари ги продаваат своите куќи за да соберат 5.000 или 10.000 американски долари за да излезат од камповите за превоспитување“.

Ким Џунсик (28) рекол дека трипати бил фатен како гледа јужнокорејски драми пред да ја напушти земјата во 2019 година, но ја избегнал казната затоа што неговото семејство имало врски.
„Обично, кога ќе фатат средношколци, ако нивното семејство има пари, тие само добиваат предупредувања. Јас не добив казна затоа што имавме врски“, раскажал тој.
Тој додал дека три средношколски другарки на неговите сестри, кон крајот на 2010-тите, добиле повеќегодишни казни во работни логори поради гледање јужнокорејски драми, бидејќи нивните семејства не можеле да си дозволат мито.
„Сите знаат дека сите гледаат“
15 испитаници од различни региони ја спомнале „Група 109“, специјализирана единица за спроведување на законот која врши претреси на куќи и улици без налог, како и проверка на торби и мобилни телефони, што укажува на систематски пристап на национално ниво.
Еден испитаник се присетил дека припадници на единицата му рекле: „Не сакаме строго да ве казниме, но мора да ги подмитиме нашите шефови за да си ги спасиме сопствените животи“.
Друг го опишал системот како јавна тајна: „Работниците тоа јавно го гледаат, партиските функционери тоа гордо го гледаат, агентите за обезбедување тоа тајно го гледаат, а полицијата тоа сигурно го гледа. Сите знаат дека сите гледаат, вклучително и оние што спроведуваат рации“.

Испитаниците опишале како деца на училишна возраст, биле принудени да присуствуваат на јавни погубувања како дел од нивното „идеолошко образование“.
Чои Сувин сведочел на јавно погубување во Синуиџу во 2017 или 2018 година на лице обвинето за дистрибуција на странски медиуми.
„Властите им рекоа на сите да дојдат, а десетици илјади луѓе од градот Синуиџу се собраа да гледаат. Ги погубуваат луѓето за да нѝ ги исперат мозоците и да нè ’образуваат‘“, раскажал тој.
Други опишале училишта кои систематски им наредувале на учениците да присуствуваат на погубувања.
„Кога имавме 16 – 17 години, во училиштето нè носеа на погубувања и ни покажуваа сè“, рекла 40-годишната Ким Еунџу. „Луѓе беа погубени поради гледање или дистрибуција на јужнокорејски медиуми. Тоа е идеолошко образование: ако гледате, тоа ќе ви се случи и вам“, додала таа.











