Морничава реченица поради која сите зборуваат за смртта на принцезата Дајана: Чуден детаљ од преписката на Сара Фергусон со Епстин

Точка

04/02/2026

14:38

1.062

Големина на фонт

а а а

Поранешната снаа на кралицата Елизабета Втора напишала многу шокантни работи во електронските пораки што му ги испраќала на осудениот педофил Џефри Епстин, а една реченица звучи особено злокобно.

Сара Фергусон, поранешна војвотка од Јорк и поранешна сопруга на некогашниот принц Ендру Маунтбатен-Виндзор, е едно од најзвучните имиња во новоотпечатените документи за осудениот педофил Џефри Епстин.

Поранешната снаа на кралицата Елизабета Втора се спомнува многупати во документите што во петокот ги објави американското Министерство за правда, а таа во електронските пораки што ги разменувала со Епстин отворено изразувала восхит и благодарност кон финансиерот.


Таа го нарекувала брат што никогаш не го имала, го прашувала да се ожени со неа, а откриено е и дека го посетила со ќерките откако излегол од затвор.

Британските медиуми се преплавени со шокантни цитати на поранешната војвотка од Јорк од оваа преписка, а сега пренесуваат и еден што се однесува на кралското семејство.

Таа во електронска порака од 2010 година зборува за тоа како била „оставена да виси“. Неколку месеци претходно, Сара Фергусон дала интервју на Опра Винфри, во кое зборувала за своите финансиски проблеми, а била фатена и како договара со еден таблоид, во замена за пари, да му овозможи пристап до поранешниот сопруг Ендру и до кралското семејство.


Во разговорот со Епстин, кого го нарекува свој „столб“, таа пишува дека „британскиот печат е подготвен да ја истреби“, дека мора да се врати во Британија и да се соочи „со својот судија и порота и повторно да биде обесена“.

„Како што отсекогаш сум велела, ниту една жена никогаш не го напуштила кралското семејство со глава на рамениците, а бидејќи не можат да ми ја отсечат главата, ќе ме дискредитираат“, му напишала Фергусон на Епстин. „Целосно, до уништување. Немам зборови“.

Во документацијата се наведува дека Епстин ѝ пружил значителна финансиска помош на Сара, дека ѝ обезбедил околу 15.000 фунти за да плати дел од долговите, а таа подоцна истакнала дека била „огромна грешка“ што ја прифатила таа помош.


Реченицата на Сара за тоа дека ниту една жена „не го напуштила кралското семејство со глава на рамениците“ привлече големо внимание на социјалните мрежи, па на „X“ многумина се прашуваат дали таа мислела и на принцезата Дајана.

Првата сопруга на кралот Чарлс загина во 1997 година, една година откако официјално се разведе од тогашниот принц од Велс, а се разделија во 1992 година.

Сара Фергусон и таа со години биле пријателки, иако не разговарале околу една година пред смртта на Дајана, а поранешната војвотка од Јорк подоцна раскажувала дека ја обожавала Леди Ди и дека никој во животот не ја смеел како неа.