Секоја година стотици илјади локални жители и странски туристи се собираат на јужниот крај на Корејскиот Полуостров по повод Фестивалот на раздвојување на морето Џиндо. Станува збор за природен феномен при кој морето Џиндо, северниот дел на Источнокинеското Море, се повлекува токму толку за да открие премин долг околу 2,9 километри, кој го поврзува островот Џиндо со блискиот остров Модо.
Во текот на еден час, колку што патеката е највидлива во својот врв за време на секој од четирите фестивалски дена, посетителите полека пешачат до островот Модо, додека локалното население во плиткото собира школки и морски алги. Иако фестивалот се одржува еднаш годишно, морето на ова место се раздвојува два до три пати годишно, меѓу март и јуни.
Феноменот на раздвојување на морето кај Џиндо стана познат низ целиот свет во 1975 година, кога тогашниот француски амбасадор во Јужна Кореја, Пјер Ланди, во еден француски весник го опиша како корејска верзија на Мојсеевото чудо, алудирајќи на библиското раздвојување на Црвеното Море.
Сепак, далеку од чудо, раздвојувањето на морето кај Џиндо најверојатно е резултат на екстремно ниска плима предизвикана од појавата позната како плимни хармоници.
Познато е дека гравитациското дејство на Сонцето и Месечината врз водата на Земјата предизвикува плима и осека, односно периодично покачување и спуштање на нивото на морето. Во зависност од нивната меѓусебна положба, Сонцето и Месечината дејствуваат со различна сила и во различни моменти, што доведува до високи плими во некои подрачја и ниски во други.
Меѓутоа, како што објаснува Кеван Мофет, вонредна професорка по геонауки на Универзитетот во Тексас во Остин, положбите на Сонцето, Месечината и Земјата се само еден од многуте фактори што придонесуваат за годишното раздвојување на морето кај Џиндо.
Плимни хармоници
Одредени фактори што влијаат врз плимата, како ротацијата на Земјата или движењето на Земјата и Месечината кое доведува до промени во нивната меѓусебна оддалеченост, се нарекуваат плимни хармоници бидејќи дејствуваат во правилни, повторливи циклуси. Сите тие фактори создаваат различни гравитациски сили, што резултира со специфични, но повторувачки обрасци на плима и осека со текот на времето.
„Клучната работа кај овие хармоници е тоа што ги има многу, а секој придонесува за плимата со различен интензитет, односно амплитуда, и во различни временски интервали“, навела Мофет во електронска порака.
Повремено се случува бројни хармоници да се совпаднат, односно да бидат „во фаза“, и тогаш доаѓа до екстремно висока или ниска плима, како што е случајот со морето Џиндо.
„Исто како кога тапанари удираат ритам што е благо неусогласен, во еден момент сите тие ритми се совпаднуваат и создаваат еден голем ‘удар’“, додала таа.

Во морето кај Џиндо, она што изгледа како раздвојување на водата всушност е спуштање на целото нивo на морето, со што се открива копнен гребен широк меѓу 40 и 60 метри, кој за време на фестивалот секојдневно излегува на површината.
„Веројатно станува збор за место каде што седиментот се таложел во поголема мера поради релативно помирната вода што се јавува долж таа линија меѓу островите“, објаснува Мофет.
Сѐ додека обликот и положбата на островите, како и Мјонгњангскиот проток источно од Џиндо, кој го контролира опсегот на плима и осека, останат непроменети, раздвојувањето на морето, по сè изгледа, ќе продолжи да се случува двапати годишно.
Според Мофет, токму тоа овозможило фестивалот да се развива во текот на долг временски период, доволно долг за да се роди и легендата за тигрите на Џиндо.
А постои и легенда со тигари
За оние што повеќе веруваат во магијата на раздвојувањето на морето, не се сами. На крајбрежјето на Џиндо се наоѓа и статуа на стара жена и тигар, која потсетува на локалната легенда.

Според преданието, на островот Џиндо некогаш имало многу тигри. Кога тие почнале да навлегуваат во локалните села, жителите побегнале на островот Модо. Една жена по име Бјонг случајно останала зад нив.
Таа секојдневно се молела на богот на морето Џонгванг, сѐ додека еден ден тој не ѝ се јавил во сон и не ѝ рекол дека наредниот ден во морето ќе се појави мост по кој нејзиното семејство ќе може да ја премине водата.
Кога излегла на крајбрежјето, морето, според легендата, чудесно се раздвоило и се појавила „патеката на виножитото“. Семејството ја преминало водата и повторно се споило со неа, со што започнала традицијата која денес е дел од локалното население, но и мистична атракција за туристите.














