Скелет од трицератопс, кој со децении се наоѓал во музеј во американската сојузна држава Вајоминг, сега ќе биде понуден на аукција, што е редок случај еден фосил на диносаурус од музеј да се најде на продажба, во момент кога на пазарот владее рекордна побарувачка за овие праисториски џинови, пренесе денеска АП.
Фосилот наречен „Треј“ ќе биде понуден од 17 до 31 март на онлајн аукција на платформата „Џупитер“, која ја основал уметникот и продуцент Фарел Вилијамс, добитник на наградата Греми.
Се проценува дека фосилот би можел да биде продаден по цена меѓу 4,5 и 5,5 милиони долари.

„Треј“, фосил стар повеќе од 66 милиони години бил пронајден во близина на Ласк, во Вајоминг во 1993 година. Долг е 5,3 метри, а бил изложен во 1995 година на свеченото отворање на Центарот за диносауруси во Термополис, Вајоминг, каде што се наоѓал до 2023 година. Потоа фосилот бил продаден во рамки на приватна трансакција и сега се наоѓа во Сингапур, соопшти аукциската куќа.
„Треј има културолошки аспект што многу фосили кои денес се продаваат на аукции едноставно го немаат“, изјавил палеонтологот Андре Лујан, кој соработувал со куќата „Џупитер“ во подготовката на фосилот за аукција.

Лујан објаснил дека овој фосил на диносаурус е поврзан со луѓето и несомнено инспирирал некои деца кои го виделе во музејот да изберат кариера во палеонтологијата.
Фосилите на диносауруси, кои некогаш беа домен на музеите и универзитетите, стануваат сè попопуларни инвестиции – остатоците од стегосаурусот „Апекс“ беа продадени во 2024 година за 44,6 милиони долари на аукција, соборувајќи го претходниот рекорд од 31,8 милиони долари платени во 2020 година за скелетот на тираносаурус рекс наречен „Стен“, потсети АП.

Раководителката за продажба во компанијата „Џупитер“, Кејтлин Донован, изјавила дека порастот на интересот одразува поместување од традиционалните категории како слики на старите мајстори кон предмети што имаат „културолошки одек“.
„Диносаурусите отсекогаш ја окупирале нашата имагинација, а луѓето сега почнуваат да ја согледуваат вредноста на инвестирањето во нив“, изјавил Лујан.

Меѓутоа, оваа појава, ги загрижила некои палеонтолози кои сметаат дека важни примероци би можеле да исчезнат во приватни колекции, со што научниците би биле лишени од можноста за истражување.
„Доколку некој фосил заврши во приватна колекција без гарантиран траен пристап, податоците за него би биле суштински изгубени за науката“, истакнал експертот Кари Роџерс.
Лујан посочил дека се надева оти „Треј“ по аукцијата ќе заврши во некој музеј, како што бил случајот со „Апекс“, кој сега е изложен во Американскиот музеј за природна историја во Њујорк, откако неговиот купувач склучил долгорочен договор за заем, со што им овозможил на научниците да го проучуваат.















