Скролала и до осум часа дневно. Престана 50 дена и откри што се случило

Точка

02/03/2026

12:33

712

Големина на фонт

а а а

Колку пати дневно посегнувате по мобилниот „само за секунда“, а потоа одеднаш се наоѓате еден час подоцна како и понатаму без размислување скролате? За тиктокерката Иона Бурчјага од Калифорнија тој рефлекс станал толку силен што го опишала како навика што повеќе не ја контролирала, особено на „TikTok“. Штом ќе го земела телефонот в рака, инстинктивно ја отворала апликацијата и со часови гледала видеа – често и без да сфати колку време поминало.

„Ни самата не сфаќав колку време поминувам на интернет“, изјавила за „Newsweek“. „Пред да ги променам навиките, скролав и по осум часа дневно, понекогаш и повеќе.“

Одлучила да застане и си поставила предизвик

Во ноември 2025 година Бурчјага пресекла и сама си задала предизвик: 35 дена без бесцелно листање по социјалните мрежи. Планот првично бил привремен, но промената толку ѝ одговарала што по истекот на рокот не сакала да се врати на старите навики. „Детоксот“ го продолжила на повеќе од 50 дена.

„Почнав на 11 ноември 2025 година, првично само за себе на 35 дена, а потоа решив да продолжам и јавно да ја поттикнам мојата онлајн-заедница да ми се придружи. Веќе третиот ден забележав дека палецот ми работи автоматски, но само ќе забавев и ќе ја затворев апликацијата. Десеттиот и единаесеттиот ден беа најтешки, бидејќи тогаш активно се борев против навиката“, раскажала таа.

Прво што забележала – подобра концентрација

Најбрзо, вели, се променил фокусот. Без постојани прекини, можела подолго да остане концентрирана на задачите и полесно да ги завршува обврските. Наместо социјалните мрежи да ѝ го „вшмукуваат“ времето штом ќе останела сама со себе, станала поефикасна и појасно ги поставувала приоритетите.

Со други зборови, како што вели, престанала да живее во режим на постојана дистракција.


Што е „doomscrolling“?

Терминот „doomscrolling“ се користи за прекумерно поминување време на интернет, листајќи вести и содржини што предизвикуваат тага, анксиозност или лутина. Изразот особено се прошири во 2020 година за време на пандемијата, а навиката, очигледно, се задржала и во годините што следеа.

Експертите предупредуваат дека ваквиот образец може да му наштети и на психичкото и на физичкото здравје – од зголемена анксиозност и полош сон до чувство на исцрпеност и пад на мотивацијата. Меѓу поедноставните чекори за намалување на навиката често се споменуваат држење на мобилниот подалеку од креветот, избегнување користење за време на оброк и исклучување на нотификациите што „влечат“ назад во апликациите.

Неочекувана промена

Една од промените што најмногу ја изненадила не била поврзана со продуктивноста, туку со личниот стил. Бурчјага вели дека паузата од социјалните мрежи ѝ дала простор самата да ги комбинира облеките, без постојано копирање трендови и туѓи аутфити.

„Тоа ми е најдрагиот дел. Не сфаќав колку постојано бев бомбардирана со слики, реклами, трендови, па дури и со личниот стил на други луѓе и колку тоа влијаеше врз мене. Оддалечувањето ми помогна да освестам колку бев потоната во тоа и ми овозможи да се фокусирам на сопствената автентичност“, изјавила таа.


Вирално видео – иронија како порака

По повеќе од 50 дена апстиненција, Бурчјага на „TikTok“ објавила видео за тоа што ѝ се променило. Снимката станала вирална: собрала повеќе од 1,6 милиони прегледи и 177 илјади лајкови. Денес, вели, се обидува да ги поттикне и другите да го намалат времето пред екранот.

„Сите чекаат социјалните мрежи да исчезнат, но тие ќе останат. Најдобро е да научите да ги контролирате сопствените импулси и да изградите самоконтрола за да можете да живеете послободно. Создавајте повеќе, а консумирајте помалку“, порача таа.

Иронијата на целата приказна е очигледна: многумина наишле на нејзиното видео токму додека и самите „думскролале“. Во коментарите барале совети и споделувале сопствени искуства. „Помалку скролање = повеќе идеи“, напишал еден корисник. Друг додал: „’Doomscrolling‘ ме прави толку неоригинален.“ Трет заклучил: „Ова е мојот знак да престанам! Го спуштам телефонот и ја прекинувам оваа навика!“