Некогаш имаа тим во Формула 1, а денес – најбавниот резултат на Нирбургринг

Точка

24/01/2026

09:44

599

Големина на фонт

а а а

Француски новинари извозеа круг на славниот Нирбургринг со дизел четирициклот „Ligier JS50“, поставувајќи, од забава, рекорд за најбавниот официјално забележан резултат во историјата на таа патека.

Додека повеќето производители на автомобили се борат за секоја стотинка за да рушат брзински рекорди и да се пофалат со времето на кругот на легендарната патека Нирбургринг Нордшлајфе, еден бренд реши да тргне во сосема спротивна насока. Брендот „Ligier“, од шега и со промотивна цел, го испрати својот дизел микроавтомобил (во Европа регистриран како четирицикл) „Ligier JS50 Revo D+“ на култната патека, за да го урне рекордот – за најбавен круг.


Бавен, но ефикасен

Задачата им припадна на француските автомобилски новинари Никола Меније и Мартин Куломб, кои со возило чиј мотор развива „моќни“ осум коњски сили успеаја да извозат круг на „Рингот“ за нешто помалку од половина час (точното време изнесува 28:25,814). Со тој резултат официјално го поставија рекордот за најбавен круг некогаш забележан, рушејќи го досегашниот „рекорд“ на источногерманскиот Трабант P50 од 1960 година, кој истата делница ја поминал за 16 минути и една секунда.


Целта на овој подвиг не беше само тестирање на трпението на патека долга 20,8 километри, туку и демонстрација на ефикасноста на современите микроавтомобили. Меније и Куломб од Париз до самиот Нирбургринг патувале токму со „Ligier JS50“, минувајќи околу 500 километри со само еден резервоар дизел гориво. За време на самото возење по патеката, автомобилот забележал потрошувачка од само 0,89 литри на 100 километри, што дополнително ја нагласува еколошката и економската страна на овие возила наменети за градско возење без возачка дозвола – а токму привлекувањето внимание на тоа беше главната цел на „рекордното“ возење.


Различни верзии на моделот

За време на официјалното тестирање на патеката, покрај дизел верзијата со максимална брзина од 45 км/ч, се појавија и електрични варијанти на моделот JS50, со цел да се споредат перформансите во екстремни услови. Основниот „Ligier JS50 L6e Electric“ беше нешто побрз од дизел верзијата, со време од 27 минути и 55 секунди, додека помоќната изведба, способна за брзина до 75 км/ч, „Ligier JS50 L7e Electric“, успеа да го заврши кругот веднаш под границата од 20 минути. За заинтересираните, дизел верзијата на четирициклот чини околу 15 илјади евра, а електричната може да се набави за нешто повеќе од 16 илјади евра.


Дали името на овој бренд ви звучи познато – во право сте. Компанијата „Ligier“ ја основал францускиот тркач Ги Лижје во 1960-тите години, а во 1976 година влезе во Формула 1 со свој тим и се натпреваруваше до 1996 година, иако без поголеми успеси. Својот прв микроавтомобил го произведоа во 1980 година, а во 2008 година, со спојувањето на компаниите „Ligier Automobiles“ и „Microcar“, настана денешната компанија.