Животната приказна на Дитрих Матешиц е материјал за филм.
Дитрих Матешиц беше добро познато лице во светот на спортот, но и во бизнис-заедницата. Прочуениот милијардер и сопственик на компанијата „Red Bull“ почина на 22 октомври 2022 година, оставајќи зад себе империја, но и навистина неверојатна животна приказна.
Матешиц беше еден од најуспешните претприемачи на нашето време. Визионер и маркетиншки гениј кој со прочуениот енергетски напиток „Red Bull“ го освои целиот свет.
Дитрих „Диди“ Матешиц е роден во австриското гратче Санкт Марајн, но по таткова линија има потекло од Хрватска. И таткото и мајката му биле учители, но Дитрих не бил љубител на училиштето. Бил исклучително интелигентен, но мрзелив. Студирал бродоградба и архитектура, а подоцна се префрлил на економија. Дипломирал по 10 години студии и се вработил во маркетинг, за кој уште од мали нозе имал талент.
This one is for Dietrich 🙏
— Max Verstappen (@Max33Verstappen) October 23, 2022
So happy we could wrap up the win and the constructors’ championship, after such an emotional weekend for everyone @redbull. The only thing we could do today was win. pic.twitter.com/Xczad35AKJ
Како сè започна?
Едно патување во Хонг Конг во 1982 година му го промени животот на Матешиц. По долг лет, во хотелот пробал енергетски напиток наречен „црвен бик“, кој го произведувала компанијата на богатото семејство Јувидја од Тајланд. Забележал дека по напитокот се чувствува поодморено и тогаш му се родила брилијантна идеја – да го пласира на Запад.
Во 1984 година успеал да стапи во контакт со Чалео Јувидја, тајландски бизнисмен кој го продавал напитокот во Југоисточна Азија, и веднаш му го претставил својот детален бизнис-план. Предложил производот да биде газиран и да се продава на западните пазари. Така ја основале компанијата „Red Bull“, а во 1987 година овој уникатен енергетски напиток се појавил на пазарот во Австрија.
Со помош на пријатели го осмислил дизајнот и прочуениот слоган „Red Bull ти дава крилја“ и набргу го освоил целиот свет.
Во меѓувреме, Дитрих стана најбогатиот Австриец, а „Red Bull“ најголемиот спонзор на спортот во светот. Во негова сопственост се „Red Bull Racing“, кој доминира во Формула 1, фудбалските клубови Салцбург, Лајпциг и Њујорк Ред Булс, хокејскиот клуб Минхен, а неговиот „црвен бик“ е присутен во бројни тимови и клубови, особено во екстремните спортови. Беше покровител на скокот на Феликс Баумгартнер од стратосферата, личен спонзор на скијачите Аксел Лунд Свиндал и Линдзи Вон, ски-скокачот Томас Моргенштерн, автомобилистите Себастијан Леб и Себастијан Ожие, организираше натпревари во фрлање хартиени авиони и правење необични летала „Flugtag“ … Тој беше сопственик на сè што го носеше знакот со двата црвени бика.
Минатата година „Forbes“ го процени богатството на овој бизнис-гениј на неверојатни 25,4 милијарди долари.
Интересно е што неговиот приватен живот остана обвиен со вел на мистерија. Ретко даваше интервјуа и никогаш не зборуваше за приватноста. Познато е дека никогаш не се оженил, но зад себе остави син, Марк Герхардер, кој ќе ја наследи неговата империја.

Германците го споредуваа со Хитлер
Дитрих Матешиц не беше омилен во Германија.
Како сопственик на фудбалскиот клуб Лајпциг, во 2015 година се најде на удар на навивачите на германскиот второлигаш Ауе, кои брутално го навредија на еден натпревар.
Сопственикот на „Red Bull“ тогаш беше спореден со нацистите и со Адолф Хитлер. Имено, на мечот против Лајпциг тие развија срамен транспарент на кој Матешиц беше прикажан во фашистичка униформа, со натпис:
„Еден Австриец ве повикува и вие слепо го следите – како ќе заврши тоа, знае секое дете, би биле добри нацисти.“
По скандалозната провокација, Ауе мораше јавно да му се извини на Лајпциг и на нивниот сопственик од Австрија.

Авионот на Тито
Матешиц беше страстен љубител на авионите и пилот. Во близина на Салцбург се наоѓа неговиот „Hangar-7“, каде што е сместена колекцијата на импресивни летала.
За нас, секако, најинтересен е моделот – прочуениот авион на Тито, DC-6B.
„Douglas DC-6B“ е произведен во 1958 година и бил во сопственост на југословенскиот претседател Јосип Броз Тито. Авионот го купил „Југословенски аеротранспорт“, а маршалот го преуредил за себе и за своите угледни гости.
Откако му здодеал, Броз овој 40-тонски џин го подарил на својот „неврзан“ пријател Кенет Каунда, тогашен претседател на Замбија, а овој подоцна го продал на авио-компанија која со години превезувала туристи на сафари-тури и разгледување водопади. Авионот случајно во Намибија го открил главниот пилот на Матешиц, Зиги Ангерер, и по долги преговори успеал да го убеди сопственикот да го продаде, иако повеќе личел на старо железо отколку на летало.
Небесната крстосница на Тито во функција ја вратиле неколку механичари, по што била префрлена во Салцбург по 27 часа лет.
Во работилницата на „Hangar-7“ на авионот работеле 50 луѓе, биле вложени околу 10.000 работни часа, но денес тој „DC-6B“ е најсјајниот бисер на флотата. Иако стои како музејски експонат, во секој момент е подготвен да полета – во неговата реставрација се вложени милиони евра.














