Портпаролот на зоолошката градина изјавил дека евтаназијата била „најхуманото решение“ за Ал и Џонсон.
Тапир и капибара кои развиле силна пријателска врска биле успиени истиот ден за ниту едно од нив да не остане осамено, пишува Би-би-си.
Чуварите во зоолошката градина Њуквеј, во Велика Британија, соопштиле дека е донесена одлука да се изврши евтаназија врз Џонсон, деветгодишна капибара и Ал, дваесетгодишен бразилски тапир, поради здравствени проблеми поврзани со староста.

Портпаролот изјавил дека „тешката одлука“ била донесена во петокот, „со цел да се обезбеди ниту едно животно да не доживее изолација по загубата на својот сопатник“.
„Нѝ беше тешко да се збогуваме со нив во исто време, но тоа беше најхумано за нив“, додал тој.
Портпаролот на зоолошката градина рекол дека Ал и Џонсон со години делеле заеднички простор во јужноамериканскиот дел од зоолошката.
Како што истакнале, капибарите и тапирите по природа се мирни и дружељубиви видови, а овие две животни со текот на годините развиле силна меѓусебна поврзаност.
Од зоолошката градина соопштија дека двете животни во последните месеци се соочувале со сè поголеми здравствени проблеми кои влијаеле врз квалитетот на нивниот живот.
„Ова е исклучително тешка загуба за сите кои секојдневно се грижеа за нив. Двете животни беа многу сакани членови на нашата заедница во зоолошката градина, а нивното отсуство длабоко ќе го почувствуваат и вработените и посетителите“, истакнале тие.









