Австралиската инфлуенсерка Луиз Старки, која живее во Дубаи, се најде на удар на остри критики откако на Инстаграм објавила снимка направена во момент кога противвоздушната одбрана на Обединетите Арапски Емирати пресретнувала ирански проектили.
Видеото во меѓувреме исчезнало бидејќи било објавено на „Инстаграм приказна“, но нејзината изјава се проширила на социјалните мрежи.
Снимка од балкон
На снимката се гледа Старки во бел пењоар како стои на балкон и го набљудува небото над Дубаи, додека во далечина се забележуваат блесоци и проектил што прелетува над облакодерите. „Исплашена сум. Навистина сум преплашена“, рекла на почетокот од видеото, пренесе „news.com.au“. Потоа ја свртела камерата кон панорамата на градот и небото над него.

„Ова не би требало да се случува тука“, додала, а потоа прашала: „Зарем сите не можат едноставно да се смират?“ Таа истакнала и дека најголемата грижа ѝ е безбедноста на другите. „Не сакам некој да настрада, знаете на што мислам?“
Во дополнителна објава опишала како ја доживеала целата ситуација.
„Цел ден во заднина слушам гласни експлозии … звук како да ги тресе прозорците. Не знам како да го опишам. Тоа е најчудниот звук досега. Ова не е забавно, луѓе. Треба да бидеме на најбезбедното место. Ги сакам ОАЕ, сакам да бидам тука. Секогаш се чувствувам толку безбедно, а сега го гледам ова. Ве молам, само престанете“, напишала таа.
Зошто се најде на удар на критики?
Нејзините зборови предизвикаа лавина коментари, а особено одекнала изјавата - „ова овде не би требало да се случува“.
„’Ова овде не би требало да се случува‘ мора да е една од најсебичните изјави што сум ги слушнал. Како да е во ред да се случува некаде на друго место. Но, дали сум изненаден? Навистина, навистина не“, напишал еден корисник.
Друг додал: „Така е. Се случува во Газа, тоа е во ред. Но ако го загрозува вашиот луксузен начин на живот, тогаш ’тоа не би требало да се случува‘.“
Има и такви кои повикале на смиреност.
„Му веруваме на нашето раководство и оваа фаза ќе помине. Да избегнуваме споделување снимки што шират страв или паника“, порачал еден коментатор.
Сепак, дел од следбениците ѝ дале поддршка на Старки.
„Наскоро ќе заврши. И јас сум во Дубаи и ги гледам цел ден, но цврсто верувам дека оваа земја е земја на мирот и дека нема да биде повредена. Ова е само привремено нарушување што наскоро ќе заврши. Остани силна“, ѝ порачал еден следбеник.
„Држи се. Никому не му е лесно. Но грижи се за она што можеш да го контролираш, а тоа е твојот начин на размислување“, додал друг.
И британска туристка на удар на критики
Во меѓувреме, на удар на критики се нашла и една британска патничка поради своите објави на ТикТок (кои сега се избришани) додека чекала лет на аеродромот во Дубаи.
Корисничката со име „elliesketched“ снимала како аеродромскиот персонал истоварува багаж од авионот и се жалела на ситуацијата.

„Претпоставувам дека ќе мора да се пријавиме во некој хотел“, рекла во видеото. „Навистина е иритантно бидејќи имаме договорени настани“.
Во други објави таа изразила фрустрација затоа што не можела да влезе во салонот на авиокомпанијата, а чекањето информации од персоналот го нарекла „изгубен ден“.
Реакциите не изостанаа. „Ова е толку непримерно – луѓе умираат“, напишал еден корисник.
„Не можам да верувам дека го објави ова“, додал друг, додека трет прашал: „Дали е ова шега?“
Одговарајќи на критиките, британската туристка појаснила дека во моментот на објавата не била свесна за сериозноста на ситуацијата.















