Маж кој бегал од сообраќајната полиција што се обидела да го запре во Хјубер Хајтс, бил уапсен откако бил пронајден како се крие во канта за ѓубре.
Според објава на социјалните мрежи, полицаец од Хјубер Хајтс во понеделникот се обидел да запре возач, кој потоа излегол од возилото и побегнал. Полицијата го идентификувала возачот како Џонатан Мекмилан (27).
Веднаш била започната потрага по него, а случаен минувач со камерата во својот автомобил го снимил неуспешниот обид на Мекмилан да се скрие од полицијата.
Имено, камерата снимила комунален работник како ја придвижува кантата за ѓубре кон камионот со намера да ја испразни. Меѓутоа, кога го отворил капакот, работникот во шок скокнал и почнал да вреска и да покажува кон кантата.
Во следниот момент Мекмилан ѕирнал од кантата, а потоа искокнал надвор, токму во моментот кога дошла полициска патрола.
„Како што сакаше среќата, „Оскар Мрчаторот“ – како што го нарековме нашиот осомничен – се појави на вистинското место во вистинско време“, соопшти полицијата на Хјубер Хајтс во објава на социјалните мрежи.
Следувала уште поопсежна потера по осомничениот, а по „маратонската“ бркотница, Мекмилан бил уапсен.
„Благодарение на импресивните атлетски способности и брзата реакција на нашиот полицаец Перез, осомничениот беше безбедно уапсен“, соопшти полицијата.
Снаодливиот млад човек сега се товари за попречување на службено лице во вршење должност и давање отпор при апсење. Според наводите, полицијата во Мајами уште претходно распишала потерница по него, но не е наведена причината.










