„ChatGPT“ и понатаму е најпопуларниот четбот, но популарноста на конкурентските алатки расте со голема брзина.
Повеќето луѓе кои користат AI четботи својот прв чекор во светот на вештачката интелигенција го направиле преку „ChatGPT“. Овој најпознат четбот за многумина стана синоним за AI и секојдневно го користат за деловни и приватни цели. Но покрај „ChatGPT“, со текот на времето се појавија и други AI асистенти чиишто популарности растат со голема брзина и стануваат сè посериозна конкуренција.
За тоа е свесен и Сем Алтман, кој, како што неодамна пишувавме, вклучил „црвен код“ во „OpenAI“ и им испратил допис на вработените во кој ги предупредува на сè посилната конкуренција поради која мора дополнително да се подобри квалитетот на „ChatGPT“.

Од предмет на потсмев до сериозен конкурент
Како главен и најопасен конкурент се покажа „Google“. Почетокот на оваа компанија на овој пазар беше трагикомичен – покрај тоа што во еден момент пазарната вредност на компанијата падна за повеќе од 100 милијарди долари поради грешките што ги правеше нивниот четбот, сериозно се посрамотија и со „woke“ одговори на корисничките прашања. Но тие работи, како што изгледа, сега се минато, а напредокот што го постигнаа неодамна го пофали и извршниот директор на „Salesforce“, Марк Бениоф.
Тој од првиот ден претежно го користел „ChatGPT“, но откако неколку часа го тестирал „Google“-овиот AI модел „Gemini 3“, изјавил дека повеќе не се враќа на четботот на „OpenAI“, туку останува верен на „Google“, кој, според него, направил неверојатен скок.

А дека популарноста на „Gemini“ расте, покажуваат и најновите статистички податоци за користењето на AI четботи што ги објави „Sensor Tower“. Според тие податоци, корисничката база на „Gemini“ во периодот од август до ноември пораснала за 30 проценти, додека во исто време „ChatGPT“ забележал раст од само шест проценти.
И покрај тоа, „ChatGPT“ и понатаму е доминантниот четбот на овој пазар со 55 проценти удел (бројот на месечно активни корисници изнесува околу 810 милиони), но треба да се нагласи дека изгубил околу 3 проценти удел, додека „Gemini“ во истиот период го зголемил својот удел за 3 проценти.

Што се однесува до растот во однос на истиот период од минатата година, тука бројките се уште поимпресивни – Четботот на „Google“ забележал раст од дури 190 проценти. Уште една работа што оди во прилог на „Google“ е времетраењето на користење во самата апликација – корисниците на „Gemini“ во просек поминуваат 11 минути комуницирајќи со овој четбот (во споредба со март тоа е раст од дури 120 проценти), додека во исто време таа бројка кај „ChatGPT“ е зголемена за само 6 проценти. Тоа покажува дека, откако корисниците еднаш ќе го пробаат „Gemini“, на него поминуваат сè повеќе време.
Иако нема сомнеж дека „ChatGPT“ и понатаму ќе остане водечки AI четбот на овој пазар, не е тешко да се заклучи дека таа доминација ќе биде сè помала, бидејќи конкуренцијата ќе биде сè поголема и сè подобра. Затоа не треба да нè изненади ако во некоја иднина токму „Gemini“ го симне „ChatGPT“ од тронот.









