„Кумот на вештачката интелигенција“ не бира зборови: Ќе имаме повеќе слободно време, но нема да имаме работа?

Точка

10/12/2025

14:45

394

Големина на фонт

а а а

Џефри Хинтон, заштитното лице на вештачката интелигенција и неодамнешен добитник на Нобелова награда, ги потврдува прогнозите на Илон Маск и Бил Гејтс.

Според неговите зборови, се движиме кон иднина во која човековата работа ќе стане вишок и тоа ќе предизвика голем економски и општествен потрес.

Атмосферата во Силиконската долина е тензична годинава. Додека Џенсен Хуанг, извршен директор на „Nvidia“ ветува работна недела од четири дена благодарение на автоматизацијата, други експерти предвидуваат многу порадикална иднина.


Бил Гејтс тврди дека на луѓето наскоро нема да им бидат потребни „поголем дел од професиите“, додека пак Илон Маск смета дека работата ќе стане опционална во наредните две децении.

Доколку овие изјави делуваат како научна фантастика, тие добиле значајна поддршка од Џефри Хинтон.

Човекот којшто е познат како „кум на вештачката интелигенција“, смета дека ова сценарио не е само можно туку и многу веројатно.

Обложувалница од 1000 милијарди долари

Џефри Хинтон којшто драматично го напуштил „Google“ во 2023 година за да го предупреди светот на опасноста на својата креација, не бира зборови.

Во текот на неодамнешна дискусија на Универзитетот Џорџтаун, Нобеловецот по физика говорел за визијата за светот која денес ја водат технолошките гиганти.

Според него, огромните вложувања во инфраструктурата имаат само една цел: профит со намалување на работната сила.


Хинтон вели:

„Доколку се прашувате од каде овие луѓе имаат илјада милијарди долари кои ги вложуваат во центар за податоци и чипови... Еден од главните извори на пари ќе биде продажбата на AI на луѓето која ќе ја извршува работата на вработените за многу помалку пари. Значи, овие луѓе навистина се обложуваат на замена на многу работници со вештачката интелигенција“.

Според неодамнешни процени на „HSBC“, „OpenAI“ не би требало да биде профитабилен пред 2030 година, без оглед на огромните финансиски потреби.

Овој финансиски притисок ја тера индустријата да ги фаворизира краткорочните профити над научното внимание, што Хинтон остро го критикувал во статија за „Fortune“.

Загрозени 100 милиони професии во САД

Влијанието на AI во секторот на услуги нема да биде ограничено само на репетитивните задачи.

Берни Сандерс во извештајот од октомври предупредил дека AI би можел да „избрише“ речиси 100 милиони професии во САД во наредната деценија.

Додека брзата храна и корисничката поддршка се во прв план, ни „белите крагни“ не се поштедени: сметководители, програмери, па дури и медицински сестри.


Сенаторот Марк Ворнер особено е песимистичен кога станува збор за младите, стравувајќи дека стапката на невработеност би можела да достигне 25 отсто меѓу младите дипломци во наредните две до три години. Оваа перспектива поставува прашања за егзистенцијата, а сенаторот Сандерс нагласува:

„Работата, без оглед на тоа дали сте портир или неврохирург е составен дел од човековото битие. Голем дел од луѓето сакаат да бидат продуктивен член на општеството. Што се случува кога овој витален аспект на човековото постоење ќе биде отстранет од нашите животи?“.

Доколку иднината на работата делува загрозено, едно е сигурно за експертите: вештачката интелигенција нема да исчезне. Единствена останата опција за работниците е да се приспособат и да ја користат оваа технологија да ги унапредат своите вештини, надевајќи се дека тоа ќе биде доволно да се помине невремето кое доаѓа.