[ВИДЕО] Австралиските тинејџери за забраната на социјални мрежи: „Ќе најдеме начин како да ги користиме“, премиерот им порача: „Прочитајте некоја книга“

Точка

10/12/2025

16:47

450

Големина на фонт

а а а

Кога во средата стапи во сила забраната за користење на социјалните мрежи за младите во Австралија, тинејџерите се посомневаа во нејзината ефикасност.

Клер Ни и Стела Питерсе зборуваа за „Reuters“ и признаа дека сега едноставно ќе најдат нов начин да ги користат социјалните мрежи.

За разлика од некои нивни врсници, 14-годишните Клер Ни и Стела Питерсе сè уште имаат пристап до своите „ТикТок“, „Инстаграм“ и „Снепчет“ профили — засега.

Владата соопшти дека само на „ТикТок“ веќе се деактивирани околу 200.000 профили, а во наредните денови ќе бидат блокирани уште повеќе. Сепак, Ни не се грижи што ќе се случи кога нејзините профили ќе бидат деактивирани.

„Тоа е едноставно бесмислено. Само ќе создадеме нови начини да се појавиме на овие платформи, па која е тогаш поентата“, наведе таа.

Тинејџерката дополнително се пожалила и дека немале доволно време да се подготват за оваа промена.


„Чувствувам дека тоа е некако неправедно бидејќи нѝ дадоа многу краток рок за подготовка и сето тоа, и мислам дека за оние на 14 или 15 години треба да постои исклучок, бидејќи ако можат да почнат да бараат работа и да добиваат возачки дозволи и слично, мислам дека е некако неправедно што не можат да ги користат своите социјални мрежи“, наведе таа.


Во видео-порака, Ентони Албанезе ги повика децата да „почнат со нов спорт, нов инструмент или да ја прочитаат онаа книга што веќе некое време стои на нивната полица“, во пресрет на летниот училишен распуст во Австралија кој започнува кон крајот на месецов.

Питерсе рече дека нејзините соученици веќе почнале да размислуваат за други платформи, како „BeReal“ или „Lemon8“.

„Можеби забраната ќе ги натера повеќе да излегуваат надвор, но и не баш“, додаде Питерсе.