Избраниците на Антонио Конте ги израдуваа навивачите на Наполи со победа над Карбах со резултат 2:0, триумф кој целиот стадион му го посвети на незаборавниот Диего Армандо Марадона, аргентинската легенда која почина на вчерашен ден пред точно пет години.
Петгодишнината од смртта на неповторливиот Дон Диего беше одбележана со храбро издание и победа од 2:0, а по истата, Антонио Конте говореше и за сите потешкотии со кои се соочува во последно време, а кои според него можат да се надополнат само со многу енергија.
– Ова беше специјална ноќ за Наполи и за сите Наполитанци. Марадона претставува нешто големо, нешто што не може да се објасни со зборови се додека не дојдете тука. Сакавме да го испочитуваме со победа. Имаше позитивна енергија на стадионот, а тоа се пренесе и врз играчите. Уште на полувреме имав добро претчуство и знаев дека ќе победиме и покрај тоа што резултатот беше 0:0, – изјави Конте.
Италијанскиот стручњак се соочува со голем број повреди и клучни фудбалери како Лукаку, Де Брујне, Ангиса, Спинацола и Гилмор, а последно се повреди и левиот бек Гутиерез.
– Енергијата најважна во фудбалот, јас сум првиот кој треба да ја пренесе потребната енергија врз тимот. Преземам одговорност кога не победуваме. За мене енергијата е клучна во фудбалот, само со правилна енергија ќе достигнете посакувано ниво. Понекогаш на тимовите им се суди поради резултатите, но во ваква тешка сезона од самиот старт, има една работа која не можам да ја конторлирам. Можам да контролирам многу работи како тренер, но не и повредите. Пред натпреварот со Карабах трениравме само 15 минути поради бура во Неапол, а за тие 15 минути, Гутиерез го свитка зглобот.
– Во тешки моменти се познаваат јунаците, а ние забележавме две победи во низа. Играчите сфаќаат во каква ситуација е тимот и секој дава се што има, – изјави Конте.







