Рони О’Саливен е најдобар снукер играч на светот. Седумкратен светски шампион. Но …
На професионален план сè му оди совршено, но проблемите од приватниот живот го прогонуваат – и никако да ги реши.
Болен однос меѓу татко и ќерка
Британскиот снукер играч со ирско-италијанско потекло, Рони О’Саливен (50), неодамна откри дека сака да го поправи нарушениот однос со својата најстара ќерка, Тејлор Ен Магнус (23). Тие двајца со години се оддалечени, а ќерката отворено го критикува татка си во медиумите. Седумкратниот светски шампион и според многумина најдобар играч во историјата на снукерот призна дека нивниот однос мора да се обнови – иако не е сигурен дали помирување е возможно.
Рони О’Саливен и Тејлор Ен Магнус се сретнале само 12 пати во животот. Дури и во тие ретки прилики, Рони ја обвинуваше дека го третирала како банкомат.

„Учев од неговите грешки и знам што е навистина важно. Благодарна сум за тоа. Тоа е единствената вредна работа што некогаш ми ја дал. Немам милиони од него, но мојата ќерка никогаш нема да остане без внимание, како јас како дете. Ќе расте со мојата љубов и поради тоа ќе биде побогата. Од лично искуство знам дека љубов не се купува со пари“, изјави огорчената Тејлор Ен.
Потоа додаде:
„За жал, мислам дека мојот татко никогаш не ме разбрал. Заробен е во свет во кој мисли дека луѓето го сакаат само поради парите. Дури и јас. А јас само сакав – татко.“

Внуката сè уште не ја запознал
Тејлор Ен Магнус е родена во 1996 година од врската на Рони со Сали Магнус. Нарушениот однос трае со години, а Тејлор Ен тврди дека тој не е способен да биде родител. Особено болно е тоа што Рони О’Саливен никогаш не ја запознал својата внука, Зара Ен, стара 21 месец.
„Можеби за некои е светски шампион, но за мене не е достоен ни да го наречам татко, а камоли дедо. Имав ужасен родител како него – и тоа ми покажа што е навистина важно во животот. Тој не е дел од мојот живот. Не би сакала таков човек да биде близу мене и моето дете. Последен пат го видов кога имав 17 или 18 години“, вели Тејлор Ен.
Таа денес работи со скратено работно време како возач во „Uber“, за да ја издржува ќерката Зара Ен и партнерот Најан Чаудхури (24).

Рони верува во помирување
О’Саливен ги прима критиките на својата најстара ќерка мирно. Во младоста имал сериозни проблеми со дроги и алкохол, за што отворено зборувал. Во интервју за „The Times“ за нивниот однос рече:
„Се надевам дека тоа нема да биде трајно. Мислам дека морам да направам чекор за да го поправам тоа. Не знам како ќе заврши, но можеби еден ден сè само ќе се среди. Кој знае?“
За разлика од односот со најстарата ќерка, Рони О’Саливен ужива во блиски односи со децата од врската со Џо Ленгли. Многу време минува со својата 19-годишна ќерка Лили, која ја опишува како „опуштен и смирен“. И со 18-годишниот син Рони Џуниор има складен однос. Последниве години О’Саливен е во врска со актерката Лајла Роас.

Преселба од Лондон во Дубаи
Рони неодамна донесе одлука да се пресели од Лондон во Дубаи, каде со него се преселила и целата семејна заедница.
„Моето семејство и моите деца сакаат само да бидам среќен. Во Велика Британија не можев ништо да направам. Најголемиот момент од денот ми беше да одам во "Stratford Westfield" на чај. Многу работам на Блискиот Исток и во Кина, и никогаш не успеав да го надминам џет-легот. Тешко беше. Тука, во Дубаи, нема многу што да се прави, како што нема ни многу снукер маси. Не дојдовме тука за луксуз. Јас ја сакам едноставноста – а и климата е одлична“, објасни О’Саливен.

Најдобриот снукер играч на светот потврди дека крајот на април и почетокот на мај следната година ќе го дочека подготвен за лов на рекордна осма титула светски шампион, на најпрестижниот турнир во Шефилд.
Само од награди на турнири, Рони О’Саливен има заработено повеќе од 12.500.000 евра.











