Патник кој ги посетил сите земји во светот, открива како успеал да избегне затвор во Северна Кореја: „Побараа писмо...“

Точка

25/11/2025

09:13

965

Големина на фонт

а а а

Поголем дел од луѓето сакаат да патуваат, но Данецот Хенрик Јепесен таа страст ја кренал на едно ново ниво – ја посетил секоја држава на светот, вклучувајќи ја и злогласната Северна Кореја.

На својот блог „Every Country In The World“ опишал како на само 17 години тргнал прво на самостојно патување во Египет, а од 2009 година обиколил дури 2000 дестинации, меѓу нив и сите земји кои се признати од ОН.

Сепак, едно искуство кое најдлабоко му се врежало во сеќавањето се случило токму во Северна Кореја, каде поради еден непромислен потег за малку ќе завршел во затвор.


Впечатлива мисија со висок ризик

Јепесен Северна Кореја ја посетил во друштво на маж којшто имал необична желба – да го истури пепелот од починатиот пријател во секоја земја од светот.

Посебноста на мисијата лежела во фактот што покојникот бил страствен патник, но не успеал да го оствари својот сон во обиколување на сите држави пред да почине.

Иако станувало збор за гест којшто носи моќна емоционална тежина, севернокорејските власти покажале нула толеранција.

Северна Кореја е единствената земја на светот во која туристите не смеат слободно да шетаат без надзор, а кога нивните водичи биле прашани за дозвола, одговорот бил краток и јасен – „не“.

Ја прекршил забраната

Без оглед на забраната, сопатникот на Јепесен бил одлучен да го исполни ветувањето. Потајно го истурил пепелот и снимил видео како доказ и тоа на севернокорејската страна Демилитаризирана зона, подрачје кое го дели Корејскиот полуостров.

Но, тој потфат не останал тајна долго време. На враќање во Пјонгјанг нивните туристички водичи побарале да ја прегледаат нивната електронска опрема.


Обвинение за „загадување“ и присилно писмо

По деталниот преглед на меѓународниот аеродром во Пјонгјанг, службениците го нашле спорното видео. Реакцијата била бурна – на патникот му било кажано дека со својот чин ја „загадил“ Северна Кореја. Во тој момент, ни Јепесен ни неговиот сопатник не знаеле дали ќе завршат во притвор.

За среќа, властите заклучиле дека доволно е да напишат само извинување во вид на писмо. Откако го составиле, случајот бил заклучен и дозволено им било да излезат од земјата.

Овој настан уште еднаш потврдува колку се строги правилата за туристите кои смеат да ја посетат Северна Кореја. Таа како исклучително затворената и тоталитарна држава строго ги контролира медиумите, ја ограничува слободата на изразување и го казнува и најмалото отстапување од правилата.