Кажуваат дека Јакутск веројатно е најстудениот град на светот, бидејќи во зима температурата може да падне и до неверојатни –64 °C. Овој град се наоѓа во источен Сибир, во руската Република Саха (Јакутија), на 450 километри јужно од Арктичкиот круг.
Зимите во Јакутск траат повеќе од шест месеци, а студот е толку силен што мобилните телефони често престануваат да работат, акумулаторите се замрзнуваат, а дишењето надвор станува неподносливо. И покрај временските предизвици, во градот живеат повеќе од 300.000 жители, кои се научиле да функционираат во екстремни услови.
Кога ќе настапат екстремни температури, жителите поминуваат надвор само онолку колку што мораат, носат повеќеслојни, специјални јакни од крзно на ирваси и арктички животни, бидејќи обичната зимска облека на овие температури не помага. Куќите се градат на столбови, бидејќи земјата под нив, која е постојано замрзната, би можела да се стопи од топлината на објектот. Автомобилите работат цел ден, бидејќи ако еднаш се изгаснат, повеќе не можат да се вклучат додека повторно не се стопли.
И покрај ледениот амбиент, Јакутск функционира како секој друг град – има училишта, универзитети, ресторани и пазари. Жителите велат дека човек се навикнува на сè, дури и на –60, само ако знае како да се заштити.
Во видеото кое го снимила Марија Солко се прикажани три најчести типа на станбени згради во Јакутск, а секоја од нив раскажува приказна за одреден период од развојот на градот и за начинот на кој луѓето се обидуваат да најдат топлина и стабилност на едно од најнепријателските места за живот на планетата.
1. Дрвени двоспратници

Во најстарите дрвени куќи, греењето се одвива преку градскиот централен систем, кој најчесто користи гас. Овие објекти имаат основни, постари инсталации кои успеваат да ги одржат становите топли, но изолацијата често не е на потребното ниво, па топлината побрзо се губи. Поради тоа, на влезовите има двојни врати кои спречуваат влегување на студен воздух во ходниците и помагаат топлината да се задржи внатре. Иако едноставен, овој систем е функционален и жителите го користат со децении.
2. Советски панелни згради (КПД)

КПД објектите имаат централно греење преку топловод, што е типично за советската градба во студените региони. Во бањите се наоѓа карактеристичен греен држач за крпи, кој постојано е топол бидејќи е поврзан со системот за греење. Становите во главно се добро загреани, но студените бетонски панели за време на ледени зимски услови понекогаш бараат дополнителна внатрешна изолација, па во некои станови ѕидовите се обложуваат со дополнителни слоеви за да се зачува топлината. И покрај староста на овие згради, греењето е стабилно и сигурно.
3. Модерни згради – Прометеј и современи комплекси

Во новите станбени комплекси се користи ефикасно централно греење на гас, комбинирано со модерна изолација која значително го намалува губењето на топлина. Овие згради имаат тројни влезови за да се заштити внатрешниот простор од студот, а современата инфраструктура, вклучувајќи и греани гаражи, го олеснува животот за време на најстудените месеци. Благодарение на добро дизајнираната конструкција и квалитетните материјали, овие станови се загреваат рамномерно и најекономично во споредба со постарите типови на градба.









