Тоше Проески беше еден од најталентираните пејачи на Балканот, чиј глас ја освои публиката низ целиот регион. Неговата способност да емотивно ја пренесе секоја песна беше ретка – од нежни балади до енергични поп ритми, неговата интерпретација секогаш звучела искрено и трогателно.
Покрај тоа што бил одличен вокал, Тоше бил и изведувач кој внимателно ги избирал песните и аранжманите, покажувајќи извонреден музички вкус и професионализам, што го издвојувало од многу колеги. Неговата кариера, иако трагично прерано прекирана, остави незаборавен печат во музиката, а неговите дела и денес инспирираат генерации.

Како личност, Тоше Проески беше познат по својата скромност, топлина и големо срце. Често учествувал во хуманитарни акции и им помагал на луѓето во неволја, што дополнително ја потврдуваше неговата автентична добрина. Пријателите и колегите го паметат како некој кој секогаш ширеше насмевка и внесуваше позитивна енергија во просторијата, без разлика на околностите. Неговата личност и човечност, заедно со неспорниот музички талент, го направија не само ѕвезда, туку и симбол на вистинска емпатија и инспирација.
Во кој холивудски филм се појавил Тоше Проески?
Станува збор за филмот „Миротворци“, американски акционен трилер од 1997 година, кој беше прв филм на продукциската куќа „DreamWorks“. Во главните улоги се Џорџ Клуни и Никол Кидман, а приказната го следи барањето на украдените нуклеарни боеви глави кои претставуваат закана за светската безбедносна криза.
Имено, Тоше Проески во 1996 година, како петнаесетгодишен ученик во Средното музичко училиште во Битола, учествувал во снимањето на првите сцени од овој познат холивудски филм. Проески бил статист, а снимањето го искористил и за лично запознавање со славните актери.
„Се сеќавам дека екипата задолжена за снимањето на филмот од Средното музичко училиште во Битола побарала деца кои убаво пеат и убаво изгледаат. Во училиштето веднаш го препорачаа Тоше. Штом луѓето од филмската екипа го видоа, веднаш им се допадна“ – раскажал зетот на Тоше, Славен во интервју за „Утрински весник“, кој присуствувал на реализацијата на неговиот ангажман во филмот.
Првите сцени од овој акционен политички трилер, во кои Тоше се појавува како член на црковниот хор што пее „Елици во Христа“, биле снимени во Црквата Свети Димитриј во Битола. Во филмот таа претставува православна црква на Пале, пред која за време на чин на крштевка е убиен босански политичар кој се залагал за мир за време на војната во Босна. Локацијата не е избрана случајно. Црквата во Битола е изградена во форма на трибродна базилика и се одликува со прекрасен ентериер со раскошни полилеи, позлатен иконостас и епископски престол. На улиците на Битола биле снимани и сцени од ужасот на опсадата на Сараево.
Искуството да учествува во овој проект, а покрај тоа и да ја запознае својата омилена актерка, за Тоше било незаборавно. Тој навистина бил воодушевен од средбата.

„За жал, во тоа време немаше многу камери и фотоапарати, па не успеавме да направиме заедничка фотографија од Тоше, Никол и Џорџ. Се сеќавам дека седевме во хотелот „Епинал“ во центарот на Битола, а покрај Тоше на масата беа и неговите другари од средното училиште. Кога дојдоа Никол и Џорџ, Тоше само извика: „Иииии…“ Тоа беше неговата реакција кога ги виде двете ѕвезди и кога ги запозна. Беше многу задоволен, му се оствари желбата да ја запознае омилената актерка“, додал Славен.









