[ВИДЕО] Украинците поставиле робот на стратешка позиција: 45 дена сам ја држел положбата

Точка

18/11/2025

19:12

969

Големина на фонт

а а а

Украинскиот копнен борбен робот „Droid TW 12.7“ направи значаен чекор напред во примената на роботски системи на бојното поле откако еден и пол месец самостојно држел позиција, целосно заменувајќи го човечкиот воен екипаж.

Командантот на јуришната чета „NC13“ на 3-та јуришна бригада известил за успешното работење на роботот, пренесе порталот „Militarnyi“.

„Droid TW 12.7“ бил задолжен за задачата да контролира стратешка раскрсница во близина на населено место од кое непријателските сили повремено се обидувале да напредуваат. Секое утро, операторите го испраќале роботот на борбена должност, додека навечер го повлекувале во безбедна зона. Во период од 45 дена, роботот извршил неколку борбени мисии, неутрализирајќи непријателски војници и спречувајќи пробив на фронтовската линија во тој сектор.


Командантот на четата нагласил дека борбените роботи како „TW 12.7 Droid“ можат значително да ја растоварат пешадијата – „Ваквите средства можат да обезбедат поддршка на пешадиските единици за време на напад и одбрана. Тие можат да го намалат товарот од војниците“, нагласил тој. Посебен акцент се става на безбедноста на операторите, кои се обидуваат да бидат лоцирани што е можно подалеку од бојното поле поради сложеноста и должината на нивната обука. Истовремено, се развиваат тактики за истовремена употреба на повеќе роботски системи, а планот е да се формира одред од два до четири роботи за напади. Идејата е сите системи да можат да се контролираат од истата просторија, што ќе овозможи побрза координација и поефикасно дејствување.


„Droid TW 12.7“ е развиен од компанијата „DevDroid“, а системот официјално бил воведен во вооружувањето на Министерството за одбрана на Украина кон крајот на 2024 година. Роботот е опремен со борбен модул со митралез „M2 Browning“ од 12,7 мм и користи дигитална врска за комуникација со интеграција со „Starlink“ и „LTE“ мрежата.

Една од неговите најголеми предности е напредниот софтвер што овозможува споделување на контролните функции меѓу повеќе оператори. Така, еден оператор може да ја контролира платформата и куполата, додека дополнителни оператори можат да бидат вклучени за попрецизно управување или донесување тактички одлуки. Обуката за управување со системот трае од еден до еден и пол месец, но една недела е доволна за искусните специјалисти целосно да ја совладаат работата со роботот. Успехот на „Droid TW 12.7“ на бојното поле потврдува дека роботизацијата на војување повеќе не е концепт на иднината, туку станува вистински дел од современите воени операции.