Улогата на Кралот на поп-музиката ќе ја толкува внукот на пејачот, Џафар Џексон, во филм кој ќе го „хуманизира, но нема да го разубави“.
Првиот тизер трејлер за биографскиот филм за Мајкл Џексон се појави на интернет по извештаите за проблеми со продукцијата. За само дваесет и четири часа од објавувањето трејлерот собра 116.2 милиони прегледи и стана најгледаниот трејлер во историјата на студиото „Лајонсгејт“, но и најуспешниот тизер некогаш направен за музички биографски или концертен филм, според податоците на „Вејв метрикс“.
Снимањето на филмот за Мајкл Џексон заврши во мај 2024 година и првично требаше да биде објавен во април 2025 година, датум кој подоцна беше поместен за октомври, но дополнителните снимања во јуни повторно ја поместија премиерата, овој пат за април 2026 година, пренесе Гардијан.
Потоа се појавија информации дека филмот ќе биде поделен на два дела, но првиот трејлер сега сугерира дека ќе биде објавен како еден филм.
Филмот го режира Антоан Фукуа, авторот познат по акциони и трилер филмови како што се „Ден за обука“, „Праведник“ и „Падот на Олимп“. Сценариото е на Џон Логан, сценарист на „Гладијатор“, „Авијатичарот“ и „Хуго“.
Централната улога ќе ја игра Џафар Џексон, вистинскиот внук на пејачот, додека номинираниот за Оскар Колман Доминго ќе го толкува Џо Џексон, а останатите улоги им се доверени на актери како што се Мајлс Телер, Ниа Лонг и Лора Хериер.

„Животот на Мајкл беше комплициран“, рече британскиот продуцент Греам Кинг за проектот.
„Како режисер, сакам да хуманизирам, а не да разубавувам и да претставам што е можно попривлечна, непристрасна приказна во еден долгометражен филм, па публиката сама нека одлучи што чувствува откако ќе го изгледа. Мајкл очигледно останува влијателен, културно релевантен уметник чиј живот и наследство вреди да се истражат“.
Тврдењата за сексуална злоупотреба против Џексон повторно се појавија во документарната серија „Leaving Neverland“ на Ден Рид од 2019 година во која беа вклучени интервјуа со двајца мажи кои тврделе дека тој ги малтретирал како деца. Рид наводно прочитал една верзија од сценариото на филмот „Мајкл“ и ја нарекол „зачудувачки неискрена“ бидејќи наводно ги дискредитирала двајцата обвинители.
„Џексон е прикажан само како се грижи за деца со рак, или си игра со мало девојче во инвалидска количка, или става во кревет неколку момчиња, претежно негови внуци, за време на преспивање“, рече тој.
Порано оваа година, Доминго зборувал за семејството Џексон и нивната поддршка за проектот на еден настан во Венеција.

„Тие многу го поддржуваат нашиот филм“, рекол Доминго за децата на Мајкл, Парис и Принц. „Многу сум среќен што сум тука вечерва на настанот amfAR со Парис. Се чини како убав начин да се биде заедно“, додал тој.
Меѓутоа, Парис брзо негирала каква било вмешаност на Инстаграм, пишувајќи: „Не им кажувајте на луѓето дека бев „корисна“ во филм со кој немав никаква врска, тоа е навистина чудно. Прочитав една од првите верзии на сценариото и ги дадов моите коментари за тоа што беше неискрено или не ми се допаѓаше, а кога не го исправија тоа, продолжив со мојот живот. Бог да ве благослови и со среќа“.
„Голема причина зошто не кажав ништо досега е тоа што знам дека многумина од вас ќе бидат задоволни од филмот. Голем дел од филмот е привлечен за многу специфичен дел од публиката на татко ми која сè уште живее во фантазија, и тие ќе бидат среќни“, додала таа.
Филмот „Мајкл“ има буџет од 155 милиони долари и доаѓа по разочарувачката заработка на биографскиот филм за Брус Спрингстин, кој заработил само 31 милион долари од минатиот месец.
Премиерата на филмот е закажана за 24 април 2026 година.













