[ФОТО/ВИДЕО] Необичното село каде што нема автомобили ниту улици, е прогласено за едно од најубавите места на светот

Точка

16/11/2025

13:46

1.123

Големина на фонт

а а а

Во холандската провинција Оверејсел, опкружено со канали и зелени ливади од националниот парк Вирибен Виден, се наоѓа село какво што нема друго во земјата.

Гитхорн е место без улици, без автомобили и без врева, каде што животот тече покрај водата. Наместо асфалт, пред куќите минуваат тивки канали, а единствено се слуша звукот на веслата и понекогаш тивок збор од чамец што полека се движи меѓу бреговите, пишува „Путни кофер“.

Сè во Гитхорн е уредено и складно. Куќите се наредени покрај водените премини, дворовите се беспрекорно средени, а дрвените мостови ги поврзуваат малите острови на кои секојдневието тече мирно и спокојно. Местото ја зачувало едноставноста и вистинската убавина што го прави посебно и му нуди на посетителот можност да доживее живот без брзање и бучава.

Селото Гиторн го нарекуваат и „холандска Венеција“

Гитхорн често го нарекуваат холандска Венеција. Наместо метеж и автомобили, овде владее тишина, а до посетителот допира само шумолењето на водата и пеењето птици. Целото село е испресечено со мрежа канали долги околу осум километри, што создава впечаток како да пловите низ жив акварел.


На малите зелени островчиња, опкружени со цвеќе и дрвја што се огледуваат во водата, се сместени куќички со покриви од слама кои изгледаат како од друго време. Тие се поврзани со повеќе од сто и седумдесет дрвени мостови, кои нежно ги спојуваат бреговите и создаваат сцени што пленат.

Наместо автомобили, жителите се движат со тивки електрични чамци. Посетителите можат да прошетаат по тесните патеки и мостови што се виеја покрај каналите и да откријат убави погледи на секој чекор.


Како вадењето тресет го претворило Гитхорн во водено село и едно од најпосебните места во Европа?

Историјата на Гитхорн започнува пред околу осум века. Првите жители дошле во тринаесеттиот век во потрага по плодна земја и нов извор на приходи. Почнале да копаат тресет, кој во тоа време бил многу ценето гориво. Земјата што ја оставале зад себе била полна со јарци и длабнатини што со текот на времето се наполниле со вода. Така се создале природни канали, денешниот знак по кој селото е познато. Од случаен процес се родило едно од најромантичните места во Европа.


Музеј кој чува приказни за животот на вода и открива како изгледал секојдневниот живот на жителите на Гитхорн пред неколку столетија

Во центарот на селото се наоѓа музејот Гитхорн Олде Мат Ус, сместен во стара селска куќа. Тој ја открива историјата на животот во ова водено село. Изложени се стари алати, предмети од секојдневието и внатрешни уредувања како што изгледале домови од минатото. Посетителите може да видат како се работело на тресетиштата, како се пренесувала стока со чамци и како се граделе куќите на вода.

Село кое засекогаш рекло „не“ на сообраќајот и го прегрнало мирот

Една од најпосебните карактеристики на Гитхорн е целосното отсуство на автомобили. Во ова село нема да слушнете звук од мотор ниту ќе видите сообраќајни гужви, бидејќи возилата се целосно исклучени од секојдневието. Посетителите ги оставаат своите автомобили на паркинзи надвор од селото, а понатаму продолжуваат пеш или се качуваат во чамци кои мирно лизгаат по каналите. Тој едноставен, но внимателно осмислен начин на живот создава атмосфера во која природата има главна улога, а мирот станува секојдневен придружник.


Идеално место за бегство од секојдневието

Гитхорн денес е едно од најпосетуваните села во Холандија, но и покрај популарноста, сè уште успева да ја задржи својата автентичност. Посетителите можат да се возат со чамец, да изнајмат велосипед или едноставно да уживаат во прошетка покрај каналите.


Посебно доживување нуди „EcoWaterBus“, тивок брод кој двапати дневно го поврзува Гитхорн со околните населби и овозможува истражување на паркoт  Вееррибен-Виденод уникатна перспектива.