Ротенбург об дер Таубер, живописен град во Баварија, се наоѓа на „романтичната рута“ помеѓу Вирцбург и Баварските Алпи и често се споменува како најубавиот град во Германија. Гратчето, во кое живеат повеќе од 11 илјади луѓе, изгледа како од бајка.
А всушност, и е. Тимот на „Disney“ бил инспириран од него при „изградбата“ на многу места во кои живеат нивните јунаци, а куќата на Пинокио е буквално пресликана од Ротенбург.
Шетањето по историското јадро на Ротенбург об дер Таубер е шарено патување низ историјата. Поплочените улици и шарените куќи со вкрстени греди и кули подредени долж уличките сведочат за значењето на средновековниот Ротенбург, чиј развој го достигнал врвот во 15-от век.

Гратчето е опкружено со ѕидини кои денес нудат прекрасна прошетка од четири километри. Обиколката обично започнува кај една од петте градски порти – Родертор. Во ѕидините има и 42 кули, а во некои од нив може и да се влезе. Кај кулата Коболцел можете да се упатите кон срцето на градот и неговиот најфотографиран дел – старата населба Пленлајн.
Само неколку минути пешачење од овде се наоѓа Средновековниот музеј на злосторства и справи за мачење, најголем од таков тип во Европа. Во близина се наоѓа уште еден многу посебен музеј – Германскиот божиќен музеј, во кој Божиќ трае цела година. Кога ќе се спојат ротенбуршката магија во ноември и неговиот познат декемвриски саем „Reiterlesmarkt“, Ротенбург навистина станува зимска бајка.
Но, без разлика во кој период од годината ќе се најдете тука, сигурно ќе го сретнете ноќниот градски чувар во црна пелерина, кој ќе ви раскаже бројни анегдоти од долгата историја на градот. Ќе ви открие и дека најголемите непријатели на градот биле пијаниците – затоа што заспивале на стража, а градот во миг на невнимание можел целосно да изгори.

Но затоа, како што историјата знае да изненади, Ротенбург го спасил – пијан градоначалник. По поразот во Триесетгодишната војна, во 1631 година градот сепак бил ослободен, благодарение на тогашниот градоначалник кој го прифатил предизвикот на непријателот да испие повеќе од три литри вино во еден здив. Криглата се чува во збирката на Царскиот градски музеј, а споменот на тој настан и денес живее преку претставата „Der Meistertrunk“ (Мајсторска голтка), која традиционално се игра на Задушница.
Ротенбург, еден од најдобро сочуваните средновековни градови во Германија, се гордее со своето готско и ренесансно градско собрание, средновековната црква „Свети Јаков“, на чии оргули „Rieger“ често настапуваат солисти од светска класа, како и со театарот „Топлер“, најубавиот театар во Баварија.
Шармантната околина на Ротенбург нуди бројни доживувања за сечиј вкус. Алпинисти, голфери, велосипедисти и планинари тука ќе дојдат на своето. Ништо помалку задоволни нема да останат ни гурманите.

„Enjoy ob der Tauber“ ќе ве разгалат со локални специјалитети, а рестораните „Schranne“ и „Höll“ ги имаат најдобрите домашни колбаси. Не го прескокнувајте „Café Lebenslust“, каде што – како што прилега на бајка – ќе ве послужат со пијалак од хибискус, ливчиња од роза, нане и пенливо вино.
Ротенбург има и свој оригинален десерт – „Тауберкугелн“ (Tauberkugeln), снежни топчиња кои некогаш ги правеле монасите и во тестото замесувале рум за да го избегнат лошото расположение за време на постот. Првобитно се правеле од ронливо тесто и се валкале во шеќер во прав, а денес постојат бројни варијанти од оваа слатка закуска која задолжително мора да ја пробате во традиционалната слаткарница „Walter Friedel“.















