Зачестеноста на дијагнози на хипертензија, или висок крвен притисок кај децата и адолесцентите е речиси двојно зголемена од 2000 година, што значи дека сè повеќе деца се изложени на ризик од здравствени проблеми подоцна во животот.
„Во 2000 година, околу 3,4 отсто од момчињата и три отсто од девојчињата имале хипертензија. До 2020 година, тие бројки се зголемиле на 6,5 отсто од момчињата и 5,8 отсто од девојчињата“, рече д-р Пејџ Сонг, од Факултетот за јавно здравје на Медицинскиот универзитет Жеџијанг во Кина. Сонг е една од авторките на студијата во која се опишани наодите, која беше објавена во среда во списанието „The Lancet Child and Adolescent Health“.

Децата кои имаат хипертензија може да бидат изложени на поголем ризик од развој на срцеви заболувања подоцна во животот.
„Добрата вест е дека ова е ризик што може да се измени. Со подобар скрининг, порано откривање и посилен фокус на превенција, особено околу здравата тежина и исхрана, можеме да интервенираме пред да се појават компликации“, изјави Сонг за Си-ен-ен.
Високиот крвен притисок кај децата може да се контролира
Зголемувањето на бројот на случаи на хипертензија кај децата веројатно се должи на неколку фактори. Дебелината е значаен фактор на ризик бидејќи е поврзана со состојби како што се инсулинска резистенција, воспаление и нарушена функција на крвните садови, објасни Сонг.
Исхраната, како што се високиот внес на натриум и ултра-преработената храна, исто така може да придонесе за ризикот од хипертензија, како и лошиот квалитет на сонот, стресот и генетската предиспозиција.

Многу деца се исто така помалку физички активни од претходните генерации и поминуваат повеќе време седејќи пред екраните, што може да влијае на ризикот, велат истражувачите.
Една претходна студија, исто така, пронашла врска помеѓу изложеноста на таканаречени вечни хемикалии (PFAS) пред раѓањето и детската хипертензија.
Друг важен факт што истражувачкиот тим го зеде предвид е како крвниот притисок се разликува во лекарската ординација и во домот. Некои деца може да имаат нормален притисок дома, но повисок во ординацијата, додека други може да имаат понизок притисок во ординацијата од вообичаеното.

Со вклучување на податоци од мерења и во домот и во ординацијата, истражувачите биле во можност да идентификуваат „маскирани“ случаи на хипертензија, односно оние што не би биле откриени за време на посетата на лекар.
Резултатите покажуваат дека едно мерење можеби не е доволно и дека има потреба од попрецизни решенија за подобро следење и грижа за хипертензијата ширум светот, истакна Сонг.









