"Audi" го откри изгледот на новиот F1 болид – целта е веднаш да биде на тронот

Точка

13/11/2025

17:29

226

Големина на фонт

а а а

Само 115 дена пред својот дебитантски настап во Формула 1, „Audi“ го претстави концептниот болид "R26" и го откри дизајнот со кој ќе влезе во најпрестижниот свет на мотоспортот. Германскиот производител има високи амбиции – од 2030 година сака да се бори за титула светски шампион.

Марката со четири прстени во Минхен го покажа концептот на бои и дизајн на новиот болид. Помалку изненадувачки, предниот дел е во титаниум-сребрена боја, потсетувајќи на легендарните „сребрени стрели“, додека задниот дел комбинира карбон-црна и црвената боја на „Audi“.

„Со влезот во кралската класа на мотоспортот, ’Audi‘ дава јасна и амбициозна изјава“, рече извршниот директор Гернот Делнер. „Ова е следното поглавје во реструктурирањето на компанијата. Формула 1 ќе биде катализатор за трансформацијата кон послаб, побрз и поиновативен ’Audi‘.“

Управата на „Audi“ испрати и борбена порака до конкуренцијата:

„Не влегуваме во Формула 1 само за да учествуваме. Влегуваме за да победуваме. Знаеме дека врвен тим не се создава преку ноќ. Тоа бара време, истрајност и постојано преиспитување на статус-кво. Од 2030 година сакаме да се бориме за титула светски шампион.“


Стратешки проект од највисоко значење

Влезот во Формула 1 за „Audi“ е стратегија од клучно значење. Благодарение на буџетскиот лимит од 215 милиони долари, финансискиот ризик е контролиран, додека глобалната публика од преку 820 милиони обожаватели значи огромна маркетиншка моќ.

„Го имплементираме единствениот дизајнерски јазик кој ги обединува сите аспекти на компанијата“, изјави главниот креативен директор Масимо Фраскела. „Проектот Формула 1 станува носител на новиот идентитет на брендот, кој во иднина ќе се применува и во F1 тимот и во ’Audi‘ генерално.“


Силен тим – и на патеката и зад кулисите

Веќе се познати и главните партнери: „Adidas“, „BP“ и „Revolut“. Возачкиот состав ќе го сочинуваат искусниот Нико Хулкенберг и младата надеж Габриел Бортоелето.

На чело на тимот се две ѕверки од врвот на Ф1:

• Матија Биното – поранешен шеф на „Ferrari“

• Џонатан Викли – поранешен менаџер во „Red Bull“

Двајцата директно ќе му одговараат на Делнер.

Погонската единица се развива во Нојбург

„Audi“ уште од 2022 година работи на сопствен хибриден погон:

• 1.6-литарски V6 турбомотор

• нов електромотор три пати помоќен од досегашните

• погон на одржливи е-горива

• нов менувач развиен од нула

Изградбата на шасијата и тркачките операции се во рацете на поранешниот тим „Sauber“ во Хинвил, а дополнителен технички центар има и во Бистер, Англија.

Овој состав и новиот визуелен идентитет покажуваат дека „Audi“ повторно притиска полн гас — претворајќи ја кралската класа во лабораторија за тестирање и излог за технологиите што ќе се применуваат во сериските модели.


Историјата ја пишуваат победниците – „Audi“ се враќа на својата ДНК

„Историјата на ’Audi‘ во Формула 1 допрва почнува, но мотоспортот отсекогаш бил дел од нашата ДНК“, нагласи Делнер.

„Од сребрените стрели на ’Auto Union‘ во 1930-тите, преку доминацијата во туристичките трки, успехот во рели и хибридните победи на 24 часа Ле Ман — каде и да влезел ’Audi‘, брендот е бил успешен. Никогаш не сме биле само статисти. Секогаш сме влегувале да водиме, да иновираме, да победуваме. Тоа сакаме да го направиме и во Формула 1.“