[ФОТО/ВИДЕО] Навивач на ФК Монако стана светски рекордер: Сопственик е на најголема колекција на оргинални дресови на еден клуб

Точка

13/11/2025

16:30

297

Големина на фонт

а а а

Навивач на ФК Монако постави светски рекорд за најголема колекција на оригинални дресови на еден фудбалски клуб собирајќи 1.146 дресови.

Навивачот Жулиен Бурон неодамна ја откри својата колекција од фудбалски дресови на ФК Монако, носени од Килијан Мбапе, Тиери Анри, Мануел Амрос, Радамел Фалкао, Давид Трезеге и Делио Онис.


Како што соопшти Монако, официјален судски службеник присуствувал на изложбата и ја потврдил бројката од 1.146 дресови, надминувајќи го претходниот светски рекорд што го држел навивач на ФК Ливерпул од Швајцарија.

Бурон, кој е од Бургундија, рекол дека неговата страст кон клубот започнала пред 25 години, кога првпат присуствувал на натпревар помеѓу Монако и Оксер.


„Тоа беше годината кога Монако ја освои седмата титула во француското првенство. Тој ден се заљубив, не во Оксер, туку во Монако. И оттогаш, не престанав да го следам клубот“, изјавил навивачот за веб-страницата на клубот.

Тој почнал да ја гради колекцијата кога поранешниот фудбалер на Монако, Лукас Бернарди, му го дал дресот што го носел во сезоната 2006/2007.


„Оттогаш, се заинтересирав за дресовите што ги носеле играчите на натпреварите. Денес тоа е активност што одзема многу време. Секогаш барам ретки скапоцености, но веќе сум горд на тоа што ги поседувам сите овие“, изјавил Бурон.

Најстариот дрес во колекцијата е од 1950-тите, носен од дефанзивецот Франсоа Лудо.