Британската јавна радио-телевизија е во длабока криза откако беше откриено дека говорот на Доналд Трамп бил измамнички монтиран во документарец емитуван минатата година, што доведе до оставки на генералниот директор и раководителот на информативната програма. Американскиот претседател сега се заканува со тужба од 1 милијарда долари.
Доналд Трамп ѝ се закани на Би-би-си со тужба од 1 милијарда долари поради контроверзен клип во документарната програма „Панорама“ од октомври 2024 година, емитуван една недела пред претседателските избори во САД. Во него беше прикажан монтиран говор на Трамп во пресрет на немирите во Капитол во 2021 година, оставајќи впечаток дека им рекол на своите поддржувачи дека ќе оди со нив до американскиот Капитол за да „се бори жестоко“.
Во писмото од 9 ноември, испратено од адвокатот од Флорида, Алехандро Брито, се наведуваат три барања за избегнување на тужбата, со рок до петок во 22 часот по британско време за одговор.
Тимот на Трамп бара Би-би-си да издаде „целосна и фер корекција“, веднаш да се извини и „соодветно да го обештети“ американскиот претседател.
Трите барања се:
• Објавување „целосно и чесно повлекување“ на документарецот
• Веднаш извинување
• „Соодветна отштета“ на американскиот претседател
Портпаролот на Би-би-си кратко рече: „Ќе го разгледаме писмото и ќе одговориме директно навреме“.
Оставки и извинувања на врвот на Би-би-си
Како одговор на скандалот, претседателот на Би-би-си, Самир Шах, вчера се извини за „грешка во проценката“ при монтажата на видеото. Во писмо до парламентарниот Комитет за култура, медиуми и спорт, Шах призна дека говорот бил монтиран на начин што оставил „впечаток на директен повик за насилна акција“.
„Би-би-си сака да се извини за оваа грешка во проценката“, додаде тој.
Загриженоста околу контроверзниот клип првпат се појави откако протече интерен меморандум од независниот советник на Би-би-си. Тоа доведе до оставки на генералниот директор Тим Дејви и раководителката на вестите Дебора Тернес, кои беа објавени во недела навечер.
И покрај оставките, Тернес вчера ја бранеше корпорацијата, отфрлајќи ги обвинувањата за институционална пристрасност и нагласувајќи дека новинарите на Би-би-си се „вредни луѓе“ кои „не се корумпирани“.
Владата застана зад Би-би-си
Портпаролот на британскиот премиер вчера изјави дека Би-би-си не е корумпирана или институционално пристрасна, туку има „клучна улога“ во модерната ера, но мора да „одржува доверба и брзо да ги исправа грешките кога ќе се случат“.
Сличен став изрази и министерката за финансии Рејчел Ривс, која ја поддржа корпорацијата, но исто така рече дека „треба да се научат лекции“.
Ветеранот во телевизиското новинарство, Џонатан Димблби за Скај њуз изјави дека верува оти Би-би-си не му должи на Трамп ништо повеќе од извинување. Тој призна дека „се направени сериозни грешки што требало да се исправат“, но инсистираше дека Би-би-си е „посветена на непристрасност“.
Од друга страна, поранешниот правен дописник на Би-би-си, Џошуа Розенберг, верува дека корпорацијата „многу веројатно“ ќе разгледа спогодба со Трамп како најдобра опција за излез од оваа криза. Овој случај е најновиот во долгата низа правни битки на Трамп со медиумите















