[ВИДЕО] Силна експлозија на автомобил во главниот град на Индија, најмалку 10 мртви

Макфакс

11/11/2025

08:58

138

Големина на фонт

а а а

Силна експлозија на автомобил-бомба потресе прометна област на индискиот главен град вчера, при што загинаа најмалку 10 лица, а десетици беа повредени, што ги натера властите да ги зајакнат безбедносните мерки низ целата земја. Цела Индија е на нозе, објави Си-ен-ен.

Експлозијата се случи во близина на иконската Црвена тврдина, позната и како Лал Кила, споменик од 17 век кој е симбол на независноста на Индија. Областа, популарна туристичка дестинација позната по своите живи пазари и улични продавачи, веднаш беше трансформирана во сцена на хаос и уништување.

Инцидентот, реткост за големата метропола со повеќе од 30 милиони луѓе, остави трага од пустош во срцето на Делхи. Снимките од местото на настанот покажаа ужасни сцени: густи, портокалови пламени во ноќното небо, уништени возила и жртви расфрлани преку улицата.

Причината за експлозијата сè уште е непозната, а индиската влада не потврди дали станува збор за намерен чин. Министерот за внатрешни работи Амит Шах вчера изјави дека властите „ги истражуваат сите можности“. Сепак, полицијата во Делхи го истражува случајот според индискиот закон за борба против тероризмот, потврди заменик-комесарот на полицијата во Северен Делхи, Раџа Бантија, за Си-ен-ен.

Повеќе од 30 лица се „сериозно повредени“, рече д-р Маниш Кумар Џа, лекар во локалната болница Лок Најак.

„Многумина нема да се опорават“, додаде тој во изјава за новинарите.

Индискиот премиер Нарендра Моди изрази сочувство до семејствата на жртвите. „Нека повредените закрепнат што е можно поскоро“, рече тој во објава на социјалната мрежа Икс.

Министерот за одбрана Раџнат Сингх во вторник најави дека „наодите од истрагата наскоро ќе бидат објавени“.

„Би сакал цврсто да ја уверам нацијата дека одговорните за оваа трагедија ќе бидат изведени пред лицето на правдата и нема да бидат поштедени под никакви околности“, напиша Сингх на Икс.