Тие се владетели од сенка: Најмоќното семејство во Европа контролира дури 250 милијарди евра — „Секоја власт знае дека мора да соработува со нив“

Точка

11/11/2025

09:45

2.166

Големина на фонт

а а а

Нивните компании и фондации контролираат речиси половина од вкупната пазарна капитализација на шведската берза, а во одреден момент од историјата, поседувале повеќе од 40 проценти од индустриската работна сила во земјата. Денес, нивното портфолио вреди околу 250 милијарди евра, што ги става рамо до рамо со светските мегакорпорации и луѓе како Илон Маск. Но, за разлика од него, Валенбергови ретко кога бараат светлина на сцената.

Ако шведската економија се замисли како организам, нејзиното срце чука во ритамот на семејството Валенберг. Ова е династија што веќе речиси еден и пол век ги контролира најважните индустриски и финансиски алати на земјата. Преку својата холдинг-компанија "Investor AB" и мрежата поврзани фондации, Валенбергови имаат удели во речиси сите клучни компании на модерна Шведска: "ABB", "Atlas Copco", "AstraZeneca", "Ericsson", "Electrolux", "Saab", "Nasdaq Nordic" и "SEB Bank" се само најпознатите меѓу нив.

Безгрешната формула на семејството Валенберг

Нивната моќ произлегува од сложен систем на фондации кои управуваат со имотот „во име на шведското општество“, а во практика обезбедуваат континуитет на семејната контрола. Во срцето на овој систем стои "Investor AB" — холдинг-компанија основана во 1916 година, кога шведските банки законски биле спречени да поседуваат индустриски претпријатија.

Во тоа време, Кнут и Маркос Валенберг ги пренеле своите акции од најголемите индустриски вложувања на банката "Stockholms Enskilda Banken" (денес SEB) во нов ентитет — создавајќи модел што и денес функционира речиси совршено.

Денес, трите најголеми семејни фондации (Фондацијата на Кнут и Алис Валенберг, Фондацијата на Маркус и Амалија Валенберг и Фондацијата на Јакоб Валенберг) заедно контролираат повеќе од 23 проценти од капиталот и половина од гласачките права во "Investor AB".

Преку оваа мрежа, Валенбергови одлучуваат за стратешките насоки на "Ericsson", "AstraZeneca" и "Saab".

Додека повеќето инвеститори се водат од квартални резултати, Валенбергови планираат во децении. Токму тој пристап — заедно со нивната репутација за дискреција и доверливост — според економските аналитичари, ги направил толку влијателни, пишува хрватскиот „Jutarnji list“.

Борба за наследство

Историјата на семејството Валенберг започнува средината на 19 век, во време кога Шведска штотуку излегувала од аграрната ера.

Андре Оскар Валенберг, поранешен морнарички офицер што се вратил од САД, во 1856 година ја основал "Stockholms Enskilda Banken" — првата приватна банка во земјата.

Неговата идеја била едноставна: да ги поврзе храбрите претприемачи со капиталот што им недостасувал.

Банката брзо станала моторот на шведската индустријализација, финансирајќи компании што подоцна ќе прераснат во национални симболи.

По неговата смрт, семејното царство било на раб на колапс. Валенберг имал пет синови кои се расправале околу наследството.

Најстариот, Кнут Валенберг, го наследил татка си на чело на "SEB" во 1886 година. Во наредните 25 години изградил обемна меѓународна мрежа што овозможила проток на капитал преку граници.


Кога Кнут станал шведски министер за надворешни работи во 1914 година, неговиот полубрат Маркос Валенберг постариот ја презел банката. Маркос очекувал дека неговите синови ќе го наследат семејниот бизнис — но Кнут имал други планови.

Пред да почине, тој го префрлил целото богатство во фондација, потег што Маркос го сметал за предавство.

Но, како што подоцна истакнува шведскиот историчар Гунар Ветерберг, тоа се покажало како најпаметниот потег во историјата на семејството — без фондацијата, богатството веројатно ќе се распарчело меѓу бројни наследници.

Владетели од сенка

Денес, Валенбергови управуваат со 16 фондации со вкупна вредност од над 300 милијарди шведски круни (околу 27 милијарди долари).

Со нив раководи Петер „Покер“ Валенберг — член на петтата генерација — кој се грижи средствата да се распределуваат стратешки и одржливо.

Моделот е едноставен:

• Компаниите под контрола на Валенбергови создаваат профит

• Профитот се пренесува во фондациите

• Фондациите финансираат истражувања во медицината, технологијата и природните науки

Овој циклус индиректно ја зајакнува шведската економија.


Но фондациите не го објаснуваат целосно растот на нивното влијание. Кнут Валенберг не само што создаде фондација, туку и холдинг-компанија.

Кога во 1916 година Шведска усвои закон со кој банките не смеат директно да поседуваат индустриски компании, Кнут и Маркос ги префрлиле индустриските удели на "SEB" во новата компанија — "Investor AB".

Денес, "Investor AB" е најтргуваната акција во Шведска, со пазарна вредност поголема од самата Стокхолмска берза.

Трите најголеми семејни фондации држат 23,3 проценти од капиталот и 50 проценти од гласачките права.

Компанијата инвестира долгорочно, претежно во шведски гиганти како "AstraZeneca", "ABB" и "Atlas Copco".

„Секоја влада — лева или десна — знае дека мора да соработува со Валенбергови. Тоа е во интерес на Шведска,“ изјавил историчарот Гунар Ветерберг.


Шестата генерација ја презема контролата

Членовите на семејството и нивните најдоверливи соработници активно учествуваат во управувањето со сите компании под "Investor".

Тие се членови на управни одбори, учествуваат во изборот на директори и ја обликуваат стратегијата на целата групација.

Јакоб Валенберг, најистакнатиот член на сегашната генерација, е претседател на "Investor AB", член на управниот одбор на "Ericsson" и претседател на Конфедерацијата на шведските работодавци и претприемачи.

Со компанијата управуваат и неговите браќа Маркос и Петер Валенберг.

Семејството — или, подобро кажано, корпорацијата — денес е во процес на шеста генерациска транзиција.

Претходните промени не секогаш поминувале мазно.


Како што забележува „The Economist“, претходните генерации слепо ги следеле одлуките на семејната елита, додека сегашната има повеќе слобода да избере свој пат.

Делумно затоа што денес има дури 30 членови.

Оваа пролет, шестмина од нив влегоа во таканаречената „Vallenbergsfären“ („Сферата Валенберг“) — мрежата на фондации и компании под семејна контрола, пишува „Jutarnji list“.

Пред седум години, семејството усвои Семејна повелба со која ги дефинира своите заеднички вредности и цели — за да се зачува богатството и влијанието.

Членовите остануваат во постојан контакт: се среќаваат еднаш годишно, во мај, во својата вила на еден од стокхолмските острови, а на секои шест недели, три членови од сегашната генерација се среќаваат со три од шестата — според ротирачки распоред.

Валенбергови — тивки, но неприкосновени владетели на шведската економија.