МВР со предупредување: Граѓаните да бидат внимателни и да не отвораат лажни електронски пораки во име на директорот на БЈБ

Макфакс

10/11/2025

12:15

510

Големина на фонт

а а а

Министерството за внатрешни работи известува дека до неколку граѓани од страна на сторители што лажно се претставуваат во име на директорот на Бирото за јавна безбедност се упатени лажни покани во врска со наводна тековна истрага.

Во пораките се даваат насоки за 24 часа да се оди до полициска станица или да се испрати повратен имејл бидејќи наводно примачот на пораката е предмет на кривични истраги за низа кривични дела, како што се детска порнографија, педофилија и трговија со дрога.

МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажни пораки, кои не се испратени од страна на Бирото за јавна безбедност при МВР.


„Овие електронски пораки се класичен обид за измама, во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на граѓаните, со цел нивна понатамошна злоупотреба. Покани до граѓаните за истражни постапки од страна на МВР не се испраќаат преку имејл-адреси.

Апелираме до граѓаните да не отвораат ваквите пораки, да не се контактира испраќачот и никако да не се споделуваат личните податоци што ги бараат измамниците. Исто така, апелираме граѓаните да не ги отвораат линковите и датотеките што се испратени во прилог на која било електронска порака која доаѓа од непознат испраќач со цел заштита на вашиот компјутерски систем од малициозен софтвер“, соопшти МВР.