Електронски очен имплант им овозможува на пациентите кои го загубиле видот повторно да читаат

Точка

20/10/2025

19:30

596

Големина на фонт

а а а

Мал електронски имплант, кој се вградува во окото, им овозможува на луѓето кои го изгубиле видот повторно да можат да читаат, пренесоа денес британските медиуми.

Уредот со димензии два на два милиметри, кој се вградува под мрежницата на пациентот, им овозможил да гледаат букви, броеви и зборови, пренесе Скај њуз.

Експертите посочуваат дека оваа нова технологија носи револуција во вештачкото овозможување на видот и се надеваат дека имплантот ќе може да се набави преку Британската национална здравствена служба (NHS).


Благодарение на таканаречениот „протетички вид“, некои пациенти сега можат дури и да решаваат крстозборки и да ги читаат ситните букви на рецептите за лекови.

Консултантот во очната болница „Марфилдс“ и Институтот за офталмологија на Универзитетскиот колеџ во Лондон, Махи Мукит, рече дека уредот, наречен „Прима“, го променил животот на пациентите.

Резултатите од тестовите покажуваат дека 84% од пациентите кои го користат уредот сега можат да читаат букви, броеви и зборови.

Глобално тестирање на имплантот било спроведено кај 38 пациенти во пет земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Франција, Италија и Холандија.


Сите пациенти имале состојба позната како географска атрофија (ГА), напредна фаза на макуларна дегенерација поврзана со возраста (МДД) што доведува до постепено губење на фоторецепторите и клетките на мрежницата, што резултира со губење на видот.

Оваа состојба влијае на околу пет милиони луѓе ширум светот и може да доведе до целосно губење на видот.

Мукит истакнал дека уредот Прима им овозможува на пациентите кои се чувствувале депресивно и изолирано повторно да почнат да функционираат и да продолжат со активностите во кои некогаш уживале.

„Во историјата на вештачкиот вид, оваа технологија претставува нова ера“, нагласил тој.