[ФОТО/ВИДЕО] Железничка станица среде стамбена зграда: Погледнете како воз минува помеѓу шестиот и осмиот кат

Точка

10/10/2025

19:21

499

Големина на фонт

а а а

Сместен длабоко во планините на југозападна Кина, градот Чонгкинг е едно од најнеобичните урбани чуда во светот. Поради својата единствена географска положба, немал простор да се шири во широчина, па растел во височина, создавајќи зачудувачка и речиси надреална архитектура.

Еден од најпознатите примери за таа посебност е станицата Лизиба, веројатно единствената железничка станица во светот сместена во станбена зграда. Се наоѓа меѓу шестиот и осмиот кат на зграда која има дури деветнаесет ката. Интересно е што железницата била испланирана истовремено со самата зграда, а не накнадно пробиена низ неа, како што многумина мислат. Иако воз секојдневно поминува низ зградата, станарите речиси и да не ја слушаат бучавата благодарение на совршената звучна изолација. Лизиба денес е една од главните атракции во Чонгкинг, а посетителите доаѓаат да ги видат возовите, но и да го посетат туристичкиот центар со изложби и сувенири.


Чонгкинг е град кој буквално изникнува од планините. На сливот на реките Ѓалинг и Јангце, тој се простира преку кањони, стрмнини и длабоки долини, со облакодери распоредени на различни височини, кои понекогаш се разликуваат и за неколку стотици метри. Традиционалното урбанистичко планирање на таков терен било невозможно, па градот израснал во повеќеслоен лавиринт.


Зградите имаат влезови на различни катови, во зависност од нивото на теренот, па не е необично еден ист облакодер да има пристап од првиот, дванаесеттиот или дури дваесеттиот кат. Тоа создава нешто што локалците и туристите го нарекуваат „фасцинантен 8D простор“, каде што патиштата, мостовите, станбените згради, деловните зони и пешачките платформи се поставени едни над други.

„Архитектурата на Чонгќинг е единствена,“ вели за „CNN“ Метју Блер, Американец кој се преселил во градот во 2009 година. „Бетонските структури на планински терен, во комбинација со индустрискиот дизајн, прават сè да изгледа како филмска сценографија од иднината. А ноќе, кога ќе се запалат светлата, градот се претвора во вистински сајберпанк сон.“

Бројот на туристи во овој необичен град расте од година во година. Според податоците на локалните власти, Чонгкинг во 2024 година го посетиле околу 1,3 милиони странски туристи, што претставува раст од 184 проценти во однос на претходната година. Само во првите два месеца од 2025 година е забележан нов пораст – бројот на странски посетители се зголемил за 60 проценти во споредба со истиот период во 2024 година. За да одговорат на сè поголемата меѓународна побарувачка, локалните агенции вовеле туристички тури на англиски, шпански, тајландски, јапонски и корејски јазик.


Поради близината и пристапните цени на авионските билети, најголемиот дел од туристите доаѓаат од Југоисточна Азија, Јапонија и Јужна Кореја, но сè повеќе расте и бројот на посетители од Европа, Австралија и САД – и покрај тоа што од САД има само еден директен лет неделно, кој го оперира „Hainan Airlines“.

Меѓу главните атракции на градот се пешачките тури низ старите квартови и живописните планински патеки, како и посетите на поранешни нуклеарни воени постројки, камените релјефи во Даѕу и природните мостови во Вулунг.


Меѓутоа, Чонгкинг е познат и по својата кујна, особено по хотпот – традиционалниот „огнен лонец“ со врел темелец во кој секој на масата сам си готви месо, зеленчук, печурки и тестенини. Тоа е повеќе од оброк – тоа е социјален настан исполнет со разговор, смеа и уживање во храната. Некои од најнеобичните хотпот ресторани во Чонгкинг се наоѓаат под земја, во бункери од Втората светска војна.

Без разлика дали сте дошле поради футуристичката архитектура, планинските глетки или пикантниот хотпот, Чонгкинг е град кој не остава никого рамнодушен – место каде што се среќаваат современиот свет, природата и традицијата во еден восхитувачки, жив лавиринт.