Патувањата најчесто се можност да се откријат нови земји, култури и луѓе, но понекогаш средбата со поинакви општества може да донесе и непријатни изненадувања. Такво искуство имала полската инфлуенсерка Каролина Вахович (35) од Краков, чиј одмор во Мароко, како што самата вели, „се претворил во вистински кошмар“.
Вахович раскажала дека за време на нејзиниот престој во Маракеш постојано била „бомбардирана“ со комплименти и брачни понуди од локални мажи.
„Како русокоса и слободна жена, чувствував дека сум постојано во центарот на вниманието. Мажите ми довикуваа на француски и арапски, ме следеа по улиците за да ме прашаат за името, брачниот статус – па дури и за брак“, раскажала таа.
Мароко го избрала како туристичка дестинација откако видела гламурозни фотографии на колешка-инфлуенсерка, која редовно објавувала содржини од оваа северноафриканска земја. Но, реалноста, вели Каролина, била далеку од тоа што очекувала.
„Како русокоса и самостојна Европјанка, не ве гледаат само како уште еден турист, туку како некаква атракција. Секој поглед, секој коментар, секоја понуда за ’помош‘ носи значење што никогаш не сте го побарале. Ова не е патување низ Мароко со очите на турист, туку секојдневна лекција за тоа како да поставите граници, да останете прибрани и да научите дека за секоја улица, пазар или автобуска станица мора повторно да ги напишете правилата“, објаснува таа.
„Притисокот беше постојан и остар“
Според Вахович, во Маракеш притисокот бил интензивен и непрекинат – а мажите своите коментари ги изговарале гласно и без срам.
„На почетокот мислите дека комплиментите се безопасни, можеби дури и поласкани, но тие не престануваат – и брзо сфаќате дека нивната упорност нема врска со љубопитност. Љубезното одбивање ретко се почитува. Наместо тоа, тие инсистираат да дознаат како се викате, дали сте мажени, кои ви се плановите. Понекогаш само фразата ’имам дечко‘ е доволна за да се повлечат. Ако се насмевнете од нервоза или се обидете да бидете културни, тоа го сфаќаат како охрабрување“, раскажува Каролина.
Таа додава дека жените кои патуваат сами мора многу брзо да научат како да реагираат – да избегнуваат директен контакт со поглед, да даваат кратки одговори и едноставно да продолжат по својот пат.
„Ме бомбардираа со прашања, комплименти, па дури и со изненадни предлози за брак! Дури и обичното седење во кафуле или купување храна стануваше атракција. Не можев да преминам улица, а да не ме запре некој – за фотографија или пари“, вели таа.
Судири и со жените
Освен непријатните ситуации со мажите, Вахович се соочила и со осудувачки погледи од локалните жени.
„Во Мароко, секој видлив дел од телото или непокриена коса има свое значење, без разлика колку скромно сте облечени. Одеднаш сфаќате дека дури и лесен летен фустан или откриени рамена можат да ве претворат во цел на осудувачки коментари. Еден поглед можеше буквално да ’ве пресече‘, особено ако носите нешто што е и најмалку различно од нивните стандарди. Доволно беше сукња над глужд или откриени раце за некои да ве погледнат со презир“, раскажува Каролина.
Таа сподели и инцидент кога една жена ја искарала на арапски, иако не ја разбрала.
„Не ги разбрав зборовите, но тонот ми беше јасен“, додава таа.
И покрај сите непријатности, Вахович вели дека и понатаму верува дека во Мароко може да се ужива, доколку патниците навреме ги прифатат културните разлики.
„Мароко е предизвикувачка земја, но учи на отпорност“
„Мароко може да биде и исцрпувачки и фасцинантен. Но, ако сте подготвени да погледнете под површината, може да ве научи на отпорност, прилагодливост и културна чувствителност“, заклучува Вахович.
Клучот, според неа, е во комбинацијата од „дебела кожа“, импровизација, хумор, трпеливост и разбирање на културните разлики.
И додека мажите често покажувале премногу интерес, искуството со жените било спротивно:
„Наместо сестринство, ме пречекаа ладни, критички погледи“, завршува 35-годишната Каролина Вахович.