Трајановски: Нови катни гаражи, современи пензионерски домови и субвенции за достоинствена старост

Макфакс

10/10/2025

14:28

125

Големина на фонт

а а а

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од коалицијата „Искуство за успех“, Александар Трајановски, најави нов урбанистички и социјален концепт кој ќе го реши хроничниот проблем со паркирањето кај Зоолошка Градина и во Дебар Маало, но и ќе овозможи изградба на современ пензионерски дом под капата на Градот Скопје.

„Време е да ставиме ред и хармонија таму каде што со години владее хаос. Со новите катни гаражи конечно ќе се ослободи јавниот простор и ќе се реши паркирањето во една од најоптоварените зони во градот,“ изјави Трајановски.

На местото на постојните бараки на Град Скопје ќе се изградат две катни гаражи со по две подземни нивоа, со модерен систем за управување со паркирањето, полначи за електрични возила и зелен покрив. Меѓу нив ќе биде изграден современ пензионерски дом, еден од петте нови домови кои се предвидени во програмата на Трајановски.

„Овие домови нема да бидат недостижни луксузни објекти, туку достапни, човечки и прифатливи за секој што има потреба од грижа. Градот Скопје ќе обезбеди субвенции за сместување, за граѓаните да не мора да плаќаат баснословни суми за достоинствена старост,“ истакна Трајановски.

Програмата предвидува изградба на пет нови пензионерски домови, со вкупно 300 нови апартмански капацитети за сместување и престој на стари и изнемоштени лица. Овие домови ќе бидат изградени со сите современи стандарди, со медицинска грижа, дневни центри, паркови и простори за социјализација и активности.

Покрај тоа што Градот ќе обезбеди субвенции за сместување во пензионерски домови, ќе понуди и дополнителна поддршка за младите брачни парови, за да им се олесни грижата за постарите членови на семејството и да се поттикне солидарноста меѓу генерациите.

„Скопје мора да биде град што се грижи за младите, за старите, за сите. Нашата визија е град кој гради решенија, не проблеми – град што им помага на луѓето да живеат достоинствено и спокојно,“ порача Трајановски.