Харпер Бекам, единствената ќерка на Викторија и Дејвид Бекам, уште еднаш докажа дека ги следи модните стапки на својата мајка. Четиринаесетгодишната тинејџерка присуствуваше на премиерата на новиот документарен филм на Нетфликс, посветен токму на мајка ѝ, која се одржа во луксузното кино „Керзон“ во Лондон, пишува „Дејли мејл“.
Во елегантна црна тоалета со должина до под, дизајн налик на модел што се продава на официјалната страница на Викторија Бекам по цена од околу 2.230 евра, Харпер изгледаше како вистинска мини верзија на својата мајка. Својот изглед го надополни со блескаво ѓерданче од „Ван Клиф и Арпел“, кое чини околу 8.420 евра.
На свеченоста Харпер пристигнала под рака со својот брат Ромео, додека помладиот Круз дојде со својата девојка, 29-годишната Џеки Апостел. Единствено недостасуваше најстариот брат Бруклин, кој не присуствувал на овој семеен настан.
Вечерта била посебна и за самата Викторија, која заедно со сопругот Дејвид ја претставила триделната серија што ја следи нејзината животна и професионална трансформација — од членка на музичката група „Спајс грлс“, преку позната сопруга на фудбалер, до успешна модна дизајнерка.
По проекцијата, гостите продолжиле со славење на приватна забава во престижниот клуб „Хертфорд Стрит“ во Мејфер, каде што се собра целата модна и шоу-бизнис елита.
На настанот присуствувале и три од нејзините колешки од „Спајс грлс“: Ема Бантон, Џери Халивел-Хорнер и Мелани Чизмолм. Единствено недостасувала Мел Би, која се наоѓа во Соединетите Американски Држави поради деловни обврски, но ѝ испратила цвеќе со порака за среќа. Викторија не ја криела радоста што повторно е опкружена со своите поранешни колешки, кои се дел и од документарниот филм.
Присутна била и нејзината најдобра пријателка Ева Лонгорија, која е и кума на Харпер. Холивудската актерка блескаше во бела тоалета додека позирала со сопругот Хозе Бастон.
На сцената, Викторија се заблагодарила на своето семејство и на целиот тим што стои зад проектот.
„Му благодарам на мојот сопруг што ме натера да го направам ова, и на моите деца — Бруклин, Ромео, Круз и Харпер. Овој процес ме натера да сфатам дека сум доволна“, изјавила емотивната Викторија.
Таа додала дека изминатата година за неа била „полна со интензивна терапија и размислување“, но дека документарецот ја натерал да ја погледне својата кариера со нови очи.
@victoriabeckham Last night at the Netflix world premiere of ‘Victoria Beckham.’ @NetflixUK ♬ original sound - Victoria Beckham
Во трите епизоди на документарецот, Викторија првпат отворено зборува за борбата со нарушувањето во исхраната, за стравот дека нејзиниот моден бренд ќе пропадне поради финансиските тешкотии, како и за притисокот што го чувствувала по напуштањето на поп-сцената.