Јапонско одење: Идеално за оние што не вежбаат редовно

Точка

09/10/2025

12:24

905

Големина на фонт

а а а

Оваа вежба е совршена за луѓе кои не тренираат редовно – сè што треба да направите е да го менувате брзото и бавното одење.

Ако кревање тегови или издржливост во „планк“ не ви звучи примамливо, можеби ќе ве заинтересира новиот фитнес-тренд што ги освои социјалните мрежи – јапонското интервално одење, пренесува „The Guardian“.

Идејата е едноставна: наизменично одете три минути брзо, потоа три минути бавно, по можност вкупно околу 30 минути.

„Брзото одење обично е доволно брзо за да не можете да зборувате во долги реченици“, објаснува д-р Кристијан Карстофт, вонреден професор на Универзитетот во Копенхаген, кој ја проучувал оваа метода. „Бавните интервали се доволно бавни за да можете да закрепнете.“ Сепак, многумина велат дека им е тешко да одат доволно бавно кога треба.


Помало оптоварување, подобри резултати

Методата е слична на високоинтензивниот интервален тренинг (HIIT), но со помало оптоварување на зглобовите, што ја прави погодна за лица склони кон повреди, како и за средовечни и постари луѓе кои не се физички активни.

Истражувањата покажуваат дека интервалното одење може да:

• го подобри кардиоваскуларното здравје и издржливоста,

• го намали крвниот притисок,

• ги зајакне мускулите околу колената,

• ја подобри контролата на шеќерот во крвта кај лица со дијабетес тип 2,

• и да доведе до губење од 3 до 5 килограми масти во текот на 4 до 6 месеци тренинг.


Научно докажана ефикасност

Оваа метода, развиена од јапонски научници пред повеќе од 20 години, покажала подобри резултати од обичното, рамномерно одење. Според една јапонска студија со учесници со просечна возраст од 63 години, оние кои практикувале интервално одење четири или повеќе дена неделно имале значителни подобрувања во физичката кондиција и општото здравје.


Зошто овој тренд стана вирален?

На "TikTok", сè повеќе луѓе објавуваат видеа како енергично одат низ паркови и градски улици следејќи го овој режим. Експертите нагласуваат дека оваа метода не е за секого, но е одлична опција за оние што сакаат ефикасен и достапен начин на вежбање.

„Никогаш нема да најдеме совршен тренинг што сите ќе го сакаат“, вели д-р Шон Филипс од Универзитетот во Единбург. „Но важно е на луѓето да им понудиме што повеќе корисни и изводливи опции од кои можат да изберат.“