Регрутираат ли балканските мафијаши млади војници од Македонија?

Нетпрес

09/10/2025

07:44

1.390

Големина на фонт

а а а

Македонец разнесен во експлозија на бомба, Македонец егзекутор на црногорски мафијаш, Македонец убиен во војна на нарко-картели во јужна Америка, Македонец претепан до смрт во Љубљана... Ова се четири настани, кои се неразјаснети како македонски државјани се главни ликови во нив. Дека постои конекција на мафијашки лидери со Македонија има силни претпоставки, особено откако и официјално се потврди аферата во која 200 луѓе, додека министер за внатрешни работи беше Оливер Спасовски, добиле пасоши со украден идентитет од македонски граѓани, а меѓу овие лица имаше познати криминалци од регионот. Еклатантен пример за тоа е и еден од основачите и водачите на озлогласениот црногорски Кавачки клан и еден од најголемите шверцери на кокаин во светот, Радоје Звицер, кој поседува македонски пасош.

Македонската јавност беше шокирана деновиве од суровата смрт на двајца млади Македонци кои ги изгубија своите животи, под сѐ уште неразјаснети околности и непознати мотиви. Но, само еден месец претходно македонската јавност беше потресена уште со два грозоморни мафијашки случаи, во кои главните улоги ги имале момчиња од Македонија.

Мартин Сипковски – Од спортист и манекен до дебело криминално досие

За дваесет и едногодишниот Мартин Сипковски од Скопје, кој на први октомври беше најден мртов, откако бил разнесен од моќен експлозив во стан во Белград, првично само се шпекулираше дека има криминално досие. Но, од Јавното обвинителство веќе и го потврдија тоа.

Сипковски на трети јуни, годинава, бил осуден на 7,6 години затвор за обид за убиство, што се случил на 15 септември, лани. Надлежниот суд за случајот му определува куќен притвор, до правосилност на пресудата. Во меѓувреме, момчето бега во Белград каде што ја запечатува својата судбина влегувајќи најверојатно во мафијашки и криминални кругови, а како и поради кои причини се вплеткува во овие животни патеки, засега останува непознато.

Освен за обид за убиство, против Сипковски се воделе и кривични постапки за насилство, предизвикување општа опасност и разбојништво.


Тој бил обвинет дека во ноември 2023 година запалил автомобил во Скопје, а додека возилото горело било снимано со мобилен телефон. Само по неколку дена сторил ново кривично дело. Испукал неколку куршуми кон влезна врата од станот на скопјанецот И.О., а сличен инциденто повторил и на 28 ноември, 2023 година, на булеварот АСНОМ во Скопје, кога испукал неколку куршуми кон паркирано патничко возило.

Несомнено се поставува прашањето како може институциите толку да потфрлат што и покрај толку кривични дела, поточно такво дебело криминално досие на едно младо момче, наместо ефективен да дозволат куќен притвор во случајот со убиството во обид, со што му се дала и отворена можност да побегне од државава. Српските медиуми за него пишуваа дека загинал поради непрофесионалното ракување со експлозивниот „пентрит“, кој наводно бил наменет за ликвидација на членови на криминална организација од Нов Белград, а извесен Филип В. (26) е уапсен под сомнение дека му го предал експлозивот на Сипковски, кому наводно му го дал на чување.

Од експлозијата буквално целосно е уништен станот каде се наоѓал Мартин, како и два други соседни стана. Полицијата го уапсила Филип В. (26) кој продавал „пентрит“, но тој не сакал да каже како го добил или за кого бил наменет.

Осумнаесетгодишен Македонец егзекутор на црногорската мафија

Македонската јавност беше навистина шокирана во август, годинава, од веста дека осумнеаесетгодишен Македонец пукал и тешко ранил член на Шкаљарскиот мафијашки клан, во Црна Гора. Андреј Танасковски, е осомничен за обид за убиство на педесет и шестгодишниот Марко Љубиша – Кан, член од врвот на криминалната група од Будва поврзана со озлогласениот Шкаљарскиот клан. Настанот се случил на седми август во хотелскиот комплекс „Маестрал“ во приморското место Пржно во Бока Которска, кога Танасковски во улога на егзекутор од непсоредна близина испукал два проектили во правец на Љубиша. Но, егзекуцијата била неуспешна бидејќи Црногорецот бил ранет во главата и преживеал.

Според полицијата, Танасковски престојувал во хотелот со фалсификувана српска лична карта. Засега осомничениот Македонец е во бегство, а по него е распишана потерница.


Познати криминалци добија лажни македонски пасоши

За инфилтрација на млади Македонци во регионалната мафија, одвреме-навреме добиваме информација откако ќе биде обелоденет некој инцидент или смрт во овие криминални структури. Но, дали постои активно регрутирање на криминалци од кај нас во редовите на српската или црногорската мафија, и на кој начин се ловат овие „млади криминални таленти“ има само претпоставки. Но, дека постои конекција на мафијашки лидери со нашата држава е повеќе од очигледно, особено откако и официјално се потврди аферата во која 200 луѓе, во време додека министер за внатрешни работи беше Оливер Спасовски, добиле патни исправи со украден идентитет од македонски граѓани, а меѓу овие лица имаше познати криминалци од регионот.

Еклатантен пример за тоа е и еден од основачите и водачите на озлогласениот црногорски „Кавачки клан“ и еден од најголемите шверцери на кокаин во светот, Радоје Звицер, кој поседувал македонски пасош.


Мистерија во Љубљана – Зошто Македонец е претепан до смрт?

Мистерија, засега, е и случајот кој пред неколку денови исто така силно ја потресе македонската јавност.

Според официјалната објава на властите во Словенија во стан во Љубљана бил најден претепан до смрт триесет и деветгодишниот Стојче Ѓоргиев, од кочанското село Грдовци. Истрагата на љубљански полицајци е во тек, но нема информации кој и зошто го сторил злосторството, што остава простор за претпоставки дали има некаква поврзаност оваа грозоморно убиство со некакви криминални структури.


Македонија до Боливија – Македонци и во нарко-картелите во Јужна Америка

Големо внимание во македонската јавноста предизвика уште еден случај во август, годинава. Македонец убиен при престрелка на нарко-картели во Боливија. Станува збор за четириесет и тригодишниот Дејанчо Лазаревски од Струмица, познат под прекарот „Македонец“. Со него убиени биле и Миљан Ѓекиќ (38) од Ниш, како и уште едно, трето, лице со непотврден идентитет, а за кое се претпоставува дека имало фалсификувани документи. Првичните сомневања се дека тројцата биле вмешани во пресметка со локални нарко-картели поврзани со т.н. „балкански картел“.

Според „Ел Дебер“, Лазаревски имал и бугарско државјанство.