Владата достави до Собранието предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за ДДВ, со кој се укинува ослободувањето од плаќање ДДВ при увоз на мали пратки до 22 евра, испорачани од странство кон домашни примачи.
Со новите измени, ослободувањето ќе важи само за пратки од некомерцијална природа, испратени од физичко лице до физичко лице, доколку нивната вредност не надминува 22 евра. Исклучок се пратки што содржат алкохол, парфеми, тутун и тутунски производи.
Ова значи дека онлајн купувањата од странство, без разлика на вредноста, ќе бидат предмет на ДДВ-оданочување, што ја усогласува Македонија со европската пракса – бидејќи Европската унија уште во 2021 година го укина истиот праг.
Иако предлог-законот веќе е поднесен, тој ќе се разгледува по локалните избори, најверојатно кон средината на ноември.
Од Министерството за финансии велат дека измените нема да влијаат врз Буџетот, но експертите предупредуваат на административен товар за поштенските оператори и Царината, кои ќе треба да обработуваат многу повеќе пратки со ДДВ-обврска.
Најпогодени ќе бидат онлајн нарачките преку „Temu“, „Shein“, „AliExpress“ и слични платформи, каде што најчесто се купуваат производи под 20 евра. Новите правила ќе значат дека секоја таква пратка ќе мора да мине царинска постапка и да се пресмета ДДВ, што ќе ја зголеми крајната цена и можно е да го намали интересот за вакви нарачки.
Новите одредби ќе стапат во сила осмиот ден по објавувањето во „Службен весник“, по нивното усвојување од Собранието, пренесува „Скопјеинфо“.