Мировниот план предложен од претседателот на САД, Доналд Трамп, за појасот Газа е договорен во својата „почетна фаза“ помеѓу Израел и Хамас, отворајќи пат кон прекин на огнот, ослободување на заложниците и крај на разорната војна што однесе повеќе од 67.000 животи и го трансформираше Блискиот Исток.
Само ден по одбележувањето на втората годишнина од нападот на Хамас врз Израел и киднапирањето на заложници, што ја предизвика израелската одмазда која сè уште трае во Газа, индиректните преговори во Шарм Ел-Шеик, Египет, резултираа со договор за првата фаза од Трамповиот мировен план во 20 точки за палестинската енклава.
Доколку се спроведе целосно, овој договор ќе ги приближи двете страни повеќе од кој било претходен обид да се запре конфликтот, кој прерасна во регионална криза и ги вовлече земјите како Иран, Јемен и Либан. Веста предизвика радост и славје и во Израел и во Газа, но и во други делови на регионот — израелските семејства на заложници отвораа шампањ и истрелуваа огномети, додека Палестинците аплаудираа и извикуваа во надеж дека крвопролевањето конечно ќе престане.
Славенички истрели одекнаа низ ноќното небо, а луѓе плачеа од среќа кога веста за мировниот договор пристигна во разурнатата Газа — но и во Израел, каде семејствата со нетрпение го чекаа ослободувањето на нивните најблиски, кои се во заложништво од избувнувањето на војната пред две години.
„Ова е огромен ден, огромна радост“, извикал Ахмед Шехајбер, раселен Палестинец, плачејќи додека зборувал на телефон од засолниште во градот Газа, кога дознал за договорот.
„Не можам да верувам на вестите“, рече Ајман Сабер, жител на Кан Јунис, град во појасот Газа, додека луѓето во крајбрежната зона Ал-Маваси се собирале и едногласно извикувале „Алаху Акбар“ (Бог е голем) и испукувале славенички истрели во воздух.
Емили Дамари, британско-израелска државјанка која била заробена од страна на Хамас повеќе од една година пред да биде ослободена во јануари, објави видео на својот Инстаграм профил каде ја слави веста заедно со пријатели, меѓу кои и Роми Гонен — исто така поранешна заложничка. На видеото се гледаат како се прегрнуваат, наздравуваат и изговараат: „L’chaim“ — што значи „Во здравје“.
Според договорот, Хамас најави дека ќе ги ослободи преостанатите 20 заложници уште овој викенд. Извори наведуваат дека размената со палестински затвореници ќе се случи во рок од 72 часа по потпишувањето, кое е закажано за четврток.
Заложниците се враќаат дома
„Со Божја помош, ќе ги вратиме сите дома“, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој го нарече постигнувањето на договорот „голем ден за Газа“. Хамас во 2023 година киднапираше вкупно 251 лице, од кои 47 сè уште се во заложништво, а израелската војска тврди дека 25 од нив се мртви.
„Целата нација со нетрпение го очекува нивното враќање“, напиша израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, на мрежата X (поранешен Твитер). „Голема прегратка за семејствата на заложниците, вклучувајќи ги и војниците на ИДФ и оние што загинаа“.
Нетанјаху најави дека во четврток ќе ја свика владата за официјално одобрување на договорот за прекин на огнот во Газа. Во меѓувреме, Хамас го повика Трамп и земјите-гаранти да обезбедат целосна имплементација на договореното од страна на Израел.
Војната, која беше поттикната од нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година — во кој беа убиени 1200 луѓе, главно цивили — предизвика жестока израелска одмазда. Според податоците, повеќе од 67.000 лица загинале во Газа, вклучувајќи и голем број деца, а блокадата на хуманитарната помош предизвика масовна глад и хуманитарна катастрофа низ целата територија.
Нејасни детали од договорот
И покрај славјето, клучни детали од договорот остануваат нејасни — на пример дали Хамас ќе се демилитаризира, како што побара Трамп, и како ќе се управува со енклавата во иднина.